Еден од фаворитите за освојување на светската титула – Шпанија заврши на првото место во групата „Ц“, откако денес ја совлада селекцијата на Иран со 73:65 (18:21; 15:10; 19:22; 21:12).

Марк Гасол беше најдобар стрелец за Шпанците – 16 поени, додека Виктор Клавер и Хуанчо Ернангомес додадоа по 11 поени.

Мухамед Џамшиди за Иранците постигна 15 поени, Мајк Ростампур реализираше 13 поени, а Хамед Хедади забележа „дабл-дабл“ – 10 поени и 15 скока.

Во првите десет минути Шпанците не беа многу концентрирани и му дозволија на противникот да поведе со 21:18, но во вториот период „фуријата“ го корегираа својот учинок до одреден степен и дојдоа до пресврт на крајот на првото полувреме – 33:31.

Во третиот период Шпанците повторно ја изгубија иницијативата и му дозволија на Иран да го врати водството – 53:52, но во последните десет минути сè се одвиваше според очекувањата.

Марк Гасол и компанија „додадоа гас“, добивајќи го последниот период со 21:12, а со тоа и конечниот успех на натпреварот – 73:65.