Македонското Собрание на денешната 86-та седница ја ратификуваше Спогодбата меѓу Владата на Република Македонија и Владата на Романија за соработка во областа на образование, наука, култура, мас-медиуми, млади и спорт.

Пратениците ги усвоија и дополнувањата на Законот за субвенционирање на станбен кредит што се донесе по скратена постапка. Законот предвидува при купување нов стан за млади лица, 50 отсто можат да добијат субвенционирање на ратите во првите пет години од отплата на кредитот, за изградба нова куќа или за надоградба на постоечкиот дом.

Усовоени се и дополнувањата на Законот за служба во Армијата на Република Македонија, по скратена постапка. Со членот 1 се предлага дополнување на членот 38 со нов став со кој се предвидува можноста професионален војник кому службата во Армијата му престанува поради навршување 45 години возраст, да може да се прими на служба во АРМ како цивилен персонал без објавување јавен оглас, доколку ги исполнува посебните услови утврдени во актот за формација на Армијата.

Пратениците усвоија и четири точки со европско знаменце, Предлог-закони за тутун, за услуги, за слободен проистап до информации од јавен карактер и за акцизи, сите во прво читање.

Собранието го донесе и Законот за изменување и дополнување на Законот за електронските комуникации, по скратена постапка.

Собранието ќе ја продолжи 86-та седницата по паузата која спикерот Талат Џафери ја даде до 15 часот. Тој во меѓувреме предложи да заседаваат комисииите кои на дневен ред имаат свои седници. Во Собранието заседаваат Комисијата за финансирање и буџет, Законодавно-правната комисија и Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците.

Меѓу другото, на дневен ред на 86-та седница е и точката за интерпелацијата за работата на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски поднесена од пратениците од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.