Новоизбраниот претседател Стево Пендаровски денеска ќе биде инаугуриран на седница во Собранието на Република Македонија, со што и официјално ќе го започне неговиот петгодишен мандат.

На седницата Пендаровски ќе даде свечена изјава пред народните избраници, членовите на Владата, верските лидери, првите луѓе на армијата, дипломатскиот кор и гости од странство.

Собранискиот спикер Талат Џафери  изјави дека досега потврда за присуство на инаугурацијата на Пендаровски пристигнала од бугарскиот претседател Румен Радев, од српскиот претседател Александар Вучиќ, од албанскиот претседател Илир Мета и од косовскиот претседател Хашим Тачи.

На инаугурацијата ќе присуствуваат и министерот за надворешни работи на Црна Гора Срѓан Дармановиќ, грчкиот министер за надворешни работи Георгиос Катроугалос, заменик министерот за надворешни работи на Полска Мациеј Ланг, турскиот заменик министер за надворешни работи Фарук Кајмакчи и висок претставник на кабинетот на претседателот на Словенија Борут Пахор.

Покани за присуство на инауграцијата преку Министерството за наворешни работи се испратени до сите шефови на држави членки на НАТО и ЕУ, вклучувајќи ги и претставниците на Европската комисија, како и од земјите од регионот.

Седницата треба да започне напладне, а откако ќе биде отворена новоизбраниот претседател треба да даде свечена изјава, ќе има обраќање пред народните избраници, по што ќе следува свечен коктел.

Пендаровски, кој беше поддржан од СДСМ и коалицијата, на втор круг од претседателските избори освои 436.212 гласа, или 51,66 отсто од гласовите на граѓаните кои излегоа на гласање.

Стево Пендаровски ќе биде петти шеф на државата од нејзиното осамостојување. Пред него претседателската функција ја извршуваа Киро Глигоров, Борис Трајковски, Бранко Црвенковски и Ѓорге Иванов.

Биографија на Пендаровски

Петтиот шеф на државата Стево Пендаровски е роден на 3 април 1963 година во Скопје. Дипломирал во 1987 година на Факултетот за правни и политички науки, при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, а магистрирал и докторирал на Институтот за социолошки и политички правни истражувања при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје.

Во изминатите 11 години бил професор на Универзитетот „Американ колеџ“ – Скопје, каде што ги предавал предметите Меѓународна безбедност, Меѓународни односи, Вовед во политика, Глобализација, Геополитика, Надворешната политика на САД, Надворешната и безбедносна политика на ЕУ и Малите држави во светската политика.

Во периодот 1998-2001 година бил началник на Управата за аналитика и истражување во Министерството за внатрешни работи и портпарол на Министерството.

Од 2001 до 2004 година е советник за национална безбедност на претседателот на Република Македонија. Од 2004 до 2005 година е претседател на Државната изборна комисија. Од 2005 до 2009 година е советник за надворешна политика на претседателот на Република Македонија. Од 2016 до 2017 година е пратеник во Собранието на Република Македонија. Од ноември 2017 година Пендаровски е назначен за национален координатор за НАТО.

Пендаровски беше кандидат за претседател на државата на претседателските избори во 2014 година, а оваа година повторно беше избран за кандидат за претседател од страна на СДСМ и Коалицијата и победи и во двата изборни круга пред своите противкандидати Гордана Силјановска-Давкова и Блерим Река.

Пендаровски во вториот круг од претседателските избори освои 436.212 гласа, или 51,66 отсто од гласовите на граѓаните кои излегоа на гласање.

Надлежности на претседателот

Претседателот на Република Северна Македонија го изразува државното единство и ја претставува земјата на меѓународната политичка сцена, а своите права и должности ги врши врз основа и во рамки на Уставот и законите.

Претседателот се избира на општи и непосредни избори, со тајно гласање. Претседателскиот мандат трае пет години, почнувајќи од свеченото положување заклетва во Собранието на Република Северна Македонија. За претседател на Републиката исто лице може да биде избрано најмногу два пати.

Претседателот мора да биде државјанин на Република Северна Македонија, на изборите да има најмалку 40 години живот. За претседател на Републиката не може да биде избрано лице кое до денот на изборите не било жител на Република Северна Македонија најмалку десет години во последните 15 години.

Уставот предвидува кандидат за претседател на Републиката да можат да предложат најмалку 10.000 избирачи или најмалку 30 пратеници.

За претседател на Републиката е избран кандидатот кој добил мнозинство гласови од вкупниот број избирачи.

Пред преземањето на должноста, претседателот на Републиката дава свечена изјава пред Собранието, со која се обврзува на почитување на Уставот и законите.

Во случај на смрт, оставка, трајна спреченост да ја врши функцијата или престанок на мандатот по сила на Уставот, до изборот на нов претседател на Републиката, функцијата претседател на Републиката ја врши претседателот на Собранието.

Настапувањето на условите за престанок на функцијата претседател на Републиката го утврдува Уставниот суд на Република Македонија по службена должност.

Во случај на спреченост да ја врши функцијата, претседателот на Републиката го заменува претседателот на Собранието.

Кога претседателот на Собранието ја врши функцијата претседател на Републиката, тој учествува во работата на Собранието без право на одлучување.

Права и должности на шефот на државата

Според утврдените права и должности со Уставот и законите на Република Северна Македонија, претседателот го определува мандаторот за состав на Владата на Република Северна Македонија, ги поставува и ги отповикува со указ амбасадорите и пратениците на Република Северна Македонија во странство, ги прима акредитивните и отповиковните писма на странските дипломатски претставници, склучува меѓународни договори во име на Републиката, доделува одликувања и признанија и дава помилувања.

Указот за прогласување на законите го потпишуваат претседателот на Републиката и претседателот на Собранието. Претседателот на Републиката може да одлучи да не го потпише указот за прогласување на законот, доколку смета дека не е во согласност со Уставот или е во спротивност со потврдените меѓународни договори, и да го врати на повторно разгледување во Собранието. Доколку притоа Собранието го усвои со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници, претседателот на Републиката е должен да го потпише указот. Претседателот на Републиката е должен да го потпише указот, доколку според Уставот, законот се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

Во рамки на надлежностите на претседателот на Републиката е и да предлага двајца судии на Уставниот суд на Република Северна Македонија, двајца членови на Судскиот совет на Република Северна Македонија, а предлага и двајца членови на Советот за радиодифузија. Претседателот го предлага и гувернерот на Народна банка, кој потоа го именува Собранието.

Претседателот на државата е врховен командант на вооружените сили на Републиката, го поставува и го разрешува началникот на Генералштабот на АРМ, поставува и разрешува генерали. Тој е и претседател на Советот за безбедност на Република Северна Македонија и именува тројца од членовите на Советот. Претседателот, исто така, го именува и го разрешува директорот на Агенцијата за разузнавање.

Титулата национален уметник ја доделува претседателот на Република Северна Македонија, врз основа на предлог од министерот за култура, а по претходно мислење на комисија.

Одредбите што се однесуваат на претседателот на Република Северна Македонија се сместени во Уставот (III дел – глава 2 и во други делови и глави) Преглед на должностите и овластувањата на Претседателот на Република Македонија според Уставот и законите, како и во определени закони.

Постапка за утврдување одговорност на претседателот на Републиката поведува Собранието со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници. За одговорноста на претседателот одлучува Уставниот суд со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број судии.

Ако Уставниот суд утврди одговорност на претседателот на Републиката, функцијата му престанува по сила на Уставот.

Кои се привилегиите на шефот на државата по завршувањето на мандатот

Денеска истекува вториот мандат на претседателот Ѓорге Иванов. Неговиот кабинет побарал од владината Служба за општи и заеднички работи да му бидат доделени канцеларии што ќе ги користи по престанокот на функцијата. Од СОЗР велат дека писменото барањето од Иванов што пристигнало до нив ќе биде одобрено. Станува збор за канцелариски простор што досегашниот шеф на државата веќе го нашол и бара да биде склучен договор за негово изнајмување.

Според Законот за правата на претседателот и неговото семејство по престанок на функцијата, тој има право на пензија чиј износ е еднаков со износот на платата што ја прима претседателот на државата, има право на канцелариски простор и најмногу три соработници. Има и право на лично обезбедување, како и право на користење службено возило и возач.

Законот предвидува и да учествува на државни свечености и манифестации редоследно по претседателот на Републиката, претседателот на Собранието, претседателот на Владата и претседателот на Уставниот суд.

Според Законот, парите се обезбедуваат од Буџетот. Во случај на смрт на претседателот за време на мандатот, пензијата намалена за 30 отсто ја користат неговиот брачен другар и неговите малолетни деца до завршување на редовното школување, односно до наполнети 26 години возраст. Исто така имаат право на месечен паричен надоместок кој е еднаков со износот на платата што ја прима претседателот и ова право брачниот другар го користи трајно.

Од поранешните претседатели, Бранко Црвенковски има доживотна претседателска пензија и кабинет. Семејството на загинатиот претседател Борис Трајковски, неговата сопруга Вилма и децата имаат други права предвидени со Законот.

Според Уставот и законот, доживотните привилегии еден поранешен претседател може да ги загуби само ако бил разрешен со импичмент или ако Уставниот суд констатирал за време на мандатот дека претседателот има деловна неспособност.