Со мнозинство гласови по десетчасовна расправа, Собранието вчера ги разреши од функцијата министерите за финансии и за локална самоуправа, Драган Тевдовски и Сухејл Фазлиу и министерот без ресор задолжен за спроведување на Рамковниот договор Хазби Лика. Во текот на седницата, пратениците ги констатираа оставките на министрите за земјоделство и за култура, Љупчо Николовски и Асаф Адеми, како и на министерот за животна средина Садула Дураку и министерот без ресор Зоран Шапуриќ.

На дневен ред на продолжението на седницата закажано за денеска е именувањето на новите министри. Пратениците ќе треба да гласаат за избор на Трајан Димковски за нов министер за земјоделство, Насер Нуредини за животна средина и просторно планирање, Хусни Исмаили за култура, Горан Милевски за локална самоуправа, Садула Дураки за политички систем и односи меѓу заедниците.

Расправата за предложената реконструкција на Владата вчера помина во остри реплики и контрареплики меѓу опозицијата и власта. Пратениците се конфронтираа и за капиталните инвестиции, за Договорот од Преспа и за евроинтегративните процеси на државата.

На обвинувањата на опозицијата дека економските политики не даваат резултати и оти задолженоста, а и дека немало странски инвестиции, премиерот Зоран Заев посочи дека странските инвестиции се најголеми во Европа споредено со БДП на земјата, просечната плата е зголемена, решени се проблемите со субвенциите во земјоделството од минатото, решен е откупот на земјоделските производи, има раст на земјоделското производство….

Пратеникот од СДСМ Костадин Костадинов пак рече дека најдобар показател дека економијата се движи во виситинска насока е растот на БДП во првиот квартал од годинава за 4,1 процент што според него ќе мотивира зголемување на минималната и просечната плата и на пензиите и ќе даде придонес за подобрување на животниот стандард на граѓаните.

Опозицијата оцени дека станува збор за погрешни кадровски решенија бидејќи се разрешуваат ефикасни министри, а остануваат министри во Владата кои не покажале резултати. Според нив, оние кои требало да бидат разрешени се вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи бидејќи тој не успеал да ги координира активностите за државата минатата година да добие датум за преговори со ЕУ, потоа министерот за образование Арбр Адеми и министерот за животна средина Садула Дураку, кој наместо да биде разрешен, е прераспределен на нова функција во новото Министерство за политички систем.

Пратеникот Влатко Ѓорчев обвини дека се тргаат луѓе кои се неистомисленици. Говореше за оставката на заменик-министерот за образование Петар Атанасов и за разрешувањето на министерот за финансии Драган Тевдовски кое, според него, е погрешно.

– За Драган Тевдовски може било кој што да каже, но сите знаеме дека е чесен. Драган Тевдовски има образ и е чесен. Не се согласувам со неговите политики и неговиот концепт, но во оваа Влада има барем 10-15 министри на кои местото им е да им се побара оставка. Цела оваа метла се сведе на тоа Драган Тевдовски да го изгуби ресорот, рече Ѓорчев.

Во репликата, Заев појасни дека проценил оти Атанасов во моментов не може да ја извршува министерската функција во Министерството за образование.

– Не е соодветно време тој да ја преземе палката на Министерството за образование. Ги знам и предностите, ги знам и слабостите. Така сум оценил, истакна Заев.

Премиерот на почетокот на расправаата по реконструкцијата на Владата, го повлече предлогот во исто време да биде и министер за финансии, појаснувајќи дека согласно овлатувастувањата со Законот за Влада, ќе раководи со Министерството за финансии, се до изборот на нов министер.

Образложувајќи го овој чекор, тој рече дека мора да се послушаат сугестиите на опозицијата, како и Антикорупциската комисија, која, според него, испратила сериозна порака.