Тоа што го направи македонскиот претседател буквално беше незамисливо пред неколку месеци и години, изјави денеска министерката за надворешни работи на Бугарија Екатерина Захариева за изјавата на Стево Пендаровски, кој пред неколку дена изјави дека „Гоце Делчев бил Бугарин, а работел за самостојана Македонија“.

Таа, како и премиерот Бојко Борисов, на Економскиот форум во Пловдив ги коментираше проблемите во односите меѓу Бугарија и Македонија.

– Сега на ред се следните чекори, Комисијата да се согласи со општ текст на следната средба во септември, кој ќе биде основа за заедничко чествување, а најмногу за промена на учебниците по историја. Додека нивните учебници продолжуваат да ја искривуваат вистината, за жал одвреме навреме ќе се јавуваат вакви тензии, рече Захариева.

Како што оцени, сепак, најважно е дека меѓу двете држави се води дијалог и тие се во постојан контакт. Околу бугарската евроинтегративна поддршка за Македонија Захариева рече:

– Бугарија секогаш ќе ја поддржува европската перспектива на С. Македонија, но тоа не значи дека нема да има услови. А тие се безусловно исполнување на Договорот, рече бугарската шефица на дипломаријата.

Овие изјави доаѓаат еден ден пред почетокот на состанокот на Црноморската иницијатива во Софија, каде утре патува и министерот Никола Димитров.