Петнаесетдневниот рок што и го даде Собранието на Владата за изготвување на нацрт-амандманите, откако на 19 октомври 80 пратеници дадоа поддршка за почеток на процесот на уставни измени, истекува во сабота. Имаше најави дека нацрт-амандманите уште денеска ќе пристигнат во Собранието, но потоа се појавија проценки дека тоа би можело да се случи кон средината на оваа недела.
Во меѓувреме опозициската ВМРО-ДПМНЕ ги консолидира силите околу натамошното дејствување, откако остана со помалку пратеници, а некои од нејзините десет пратенички групи повеќе не ги исполнуваат прописите на Деловникот, според кои една пратеничка група треба да има најмалку пет пратеници. Партијата најави дека денеска го доставува до Собранието предлог-законот за амнестија на сите инволвирани во случувањата во македонскиот законодавен дом од 27 април минатата година.
Портпаролот на Владата Миле Бошњаковски минатата недела во изјава за МИА рече дека уште траат координациите околу усогласувањето за измените на Уставот.
– Во оној момент кога тие ќе бидат во пишана форма ќе бидат јавно објавени и доставени до Собранието за нивно финализирање, изјави Бошњаковски за МИА, не прецизирајќи притоа кога би можело тоа да се случи.
Премиерот Зоран Заев, пак, најави дека постои можност нацрт амадманите да бидат доставени пред 15 дневниот рок.
Од владејачките партии се уште стои апелот до опозициската ВМРО-ДПМНЕ да се вклучи во разговорите за уставните измени, но сепак тие не се големи оптимисти дека тоа може да се случи.
-Во интерес на граѓаните што побрзо да бидат доставени амандманите во Собранието. Останува отворено да разговараме со нашите колеги-пратеници од опозицијата и да видиме да го отвориме процесот затоа што закон за амнестија е брутален упад во правосудниот систем на Република Македонија. Не смееме да дозволиме заради политички преписки да го нарушиме принципот на владеење на правото, изјави пратеникот од СДСМ Костадин Костадинов.
Во разговорите за нацрт-амандманите, пак, ќе се вклучат осумтемина пратеници од опозицијата кои им дадоа поддршка за уставните измени и кои веќе го известија претседателот на Собранието Талат Џафери дека тие натаму ќе дејствуваат како независни пратеници и дека формираат нова пратеничка група.
Како што веќе објави МИА, најверојатно координатор на таа пратеничка група ќе биде екс министерката за култура Елизабета Канчевска Милевска. Оваа нова пратеничка група во Парламентот, како што велат, ќе дејствува опозициски и од денеска ќе ги започне разговорите за нацрт предлозите за уставни амандмани, но во согласност со нивните четири барања што ги доставија до Собранието пред гласањето за уставни измени.
Во оваа пратеничка група освен Канческа-Милевска ќе бидат и пратениците Емилија Александрова, Крсто Мукоски, Љубен Арнаудов, Владанка Авировиќ, Сашо Василевски, Зеќир Рамчиловиќ и Нола Исмаиловска Старова.
За поминување на секој амандман во собраниска комисија се потребни по три дена, а потоа и за нивно усвојување на пленарната седница. Проценките на власта се дека целокупниот процес ќе трае два и пол месеци.
-Сите амандмани, оние што ги знаеме и ги очекуваме да бидат доставени, сето тоа ќе одземе околу два – два и пол месеци за комплетниот процес, оцени генералниот секретар на СДСМ Александар Кирацовски.
Во врска со начинот на кој ВМРО-ДПМНЕ понатаму ќе дејствува во Собранието, откако се намали бројот на нејзините пратеници од 51 на 39 и како сето тоа ќе се усогласи до дејствувањето на нејзините десет пратенички групи, портпаролот на партијата Наум Стоилковски вчера рече дека евентуалната поделеност на партијата во неколку пратенички групи нема да се одрази врз спроведувањето на зацртаната партиска политика.
Стоилковски не прецизира дали ВМРО-ДПМНЕ размислува да поднесе амандамани на Уставот, но консултациите, истакна, во однос на дејствувањето на опозицијата се во тек.
-Дејствувањето на ВМРО како една и како неколку пратенички групи воопшто не прави разлика во однос на тоа што треба да претставува политика на ВМРО-ДПМНЕ, политика на опозицијата на сето ова што и се случува на Република Македонија. Така што дали дејствувањето ќе биде како една пратеничка група или ќе биде како повеќе пратенички групи зависи од анализа, колку ќе вроди со плод дејствувањето на пратеничката група, односно пратениците од ВМРО-ДПМНЕ во повеќе пратенички групи. Но, сепак тоа нема да влијае во насока на она што се вели политика и поставеност на ВМРО-ДПМНЕ, на опозицијата во Парламентот, истакна Стоилковски.
Од власта и натаму очекуваат дека ќе биде формирана комисијата за помирување и национално обединување, во која би учествувале сите парламентарни групи, а за неа е неприфатлив предлог законот на ВМРО-ДПМНЕ.
Потпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Димче Арсов викендов изјави дека предлог-законот за амнестија е веќе изготвен и денеска треба да биде поднесен до Собранието. Текстот ќе го достават пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, а СДСМ и сите останати, како што истакна Арсовски, ќе имаат можност да го прифатат.
-Ако намерите на СДСМ се искрени, сега е моментот да го изгласаат и да го тргнат товарот од сите луѓе што беа во случувањата на 27 април, нагласи портпаролот.
Стоилковски, пак, смета дека неговото евентуално неподдржување од СДСМ ќе значи потврда дека оваа власт спроведува селективна правда.
СДСМ го оцени ваквиот предлог како брутален упад во правосудството.
-Како одговорна и државотворна партија се водиме да го почитуваме принципот на правна држава и во таа насока може да зборуваме за подавање рака и за помирување, но никако не може да зборуваме за амнестија, пратеникот од СДСМ Костадин Костадинов.