Турскиот претседател Таип Реџеп Ердоган понуди следната трилатерална средба за Сирија со претседателитена Русија и Иран, Владимир Путин и Хасан Рохани да се одржи во Турција.

Тој во заклучоците од трилатералниот состанок во Сочи понуди Турција да биде домажин на наредниот собир. Путин изјави дека Русија, Иран и Турција се согласиле да преземат дополнителни мерки за стабилизација на состојбата во сириската покраина Идлиб, и дека тројцата лидери разговарале за начините за спроведување на руско-турскиот меморандум за безбедносната зона во Идлиб.

Претседателот на Русија потсети дека примирјето кое се почитува на речиси целата територија на Сирија е резултат од напорите на Москва, Анкара и Техеран. Тој рече дека форматот на разговори во Астана ги постави темелите за одржлив процес со цел да се најде политичко и дипломатско решение за Сирија, засновано на Резолуцијата 2254 на Советот за безбедност на ОН.

Путин на крајот од состанокот се заблагодари на своите колеги за нивното учество во денешните разговори, јави ТАСС.

– Убеден сум дека денешните разговори ќе бидат делотворни и дека договорите што ги постигнавме ќе придонесат за враќање на мирот и безбедноста во Сирија и дека ќе осигураат стабилност на Блискиот Исток, рече Путин.