Од 08:55 се воведува забрана за движење на тешки товарни возила на патниот правец Гостивар-Кичево преку планинскиот премин Стража, во двата правци, соопштија АМСМ и ЈП Македонија пат.

Од 08:45 часот, е воведена и забрана за движење на тешки товарни возила и автобуси, а за останатите возила задолжително употреба на зимска опрема (синџири) на патниот правец Тетово-Попова Шапка.

Поради снег на коловозот, на патниот правец Струга – граничен премин Ќафасан од 07:15 часот е воведена забрана за движење на тешки товарни возила.

Од 04:10 часот, забрана за сообраќај на камиони има и на патниот правец крак Маврово – Дебар.

Сообраќајот на државните патишта изутринава се одвива по наместа влажни  коловози, со остатоци од кашест снег на коловозот.

Снег врне на Попова Шапка, во Маврово, Дебар, Охрид, Струга, Кичево и на планинските премини Стража, Буково, Ѓавато, Плетвар, Пресека и Железнец.

Поради ниските температури можна е појава на голомразица.

Надлежните апелираат на внимателно возење и прилагодување на брзината кон условите на патот.

Најниска температура од минус 15 степени изутринава е измерена во Битола. Минус 12 е во Берово и Прилеп, минус 11 во Струмица, а девет степени под нулата во Скопје.

Минусни температури има насакаде низ Македонија, а во западните делови на земјава има локални врнежи од снег.

Најмногу снег има во Маврово 55 сантиметри и во Крушево 26 см.

УХМР најавува нов студен и влажен бран со пообилни врнежи од снег, особено во западните делови. Насекаде ќе се формира нова снежна покривка од 10 до 30 см, а на планините позначителна, над 50 см. Заради ниските температури ќе има појава на голомразица.

Попладне забрана за тешки товарни возила е воведена и на патниот правец Кичево – Охрид, преку планинскиот премин Пресека, соопшти Авто-мото сојузот на Македонија.

Забраната е воведена од 14.15 часот.

Претходно е воведена забрана за тешки моторни возила и на патот Битола – Ресен на планинските превои Ѓавато и Буково.

Забрана за сообраќај на тешки товарни возила е воведена и на планинскиот премин Плетвар, соопшти АМСМ.

Забраната, како што се наведува во соопштението е воведена во 16:15 минути.

Се уште се во сила е и забраните за камиони преку Пресека, Ѓавато и Буково.