Седум лица се повредени во тешката сообраќајна несреќа која синоќа се случи на улица „Водњанска“, пред влезот на Клиничкиот центар.

Од МВР денеска излегоа со подетални информации за сообраќајката во која учествувале четири автомобили, од кои два биле паркирани.

-Сообраќајната несреќа се случила помеѓу автомобил „БМВ“ со скопски регистарски ознаки управуван од М.М.(45) од Скопје, автомобил „Ауди“ со скопски регистарски ознаки управуван од Н.Р.(40) од Скопје, и две паркирани патнички возила „голф“ и „мерцедес“, двете со скопски регистарски ознаки, велат за Курир од МВР.

Во незгодата со телесни повреди се здобиле седум лица констатирани во ГОБ „Св. Наум Охридски“ и Комплекс клиники Мајка Тереза во Скопје.

Извршен бил увид од увидна екипа на СВР Скопје.