Министрите за надворешни работи на ЕУ денеска, меѓу другото, ќе разговараат за пролонгирање на санкциите врз Русија, но нов пакет рестриктивни мерки во врска со тензиите во Азовското Море не се очекуваат.

Сепак, според ЕУ диломатите, можни се санкции врз украински државјани поради изборите во Донбас, регион под руска контрола, кои се одржаа на 11 ноември и кои не се признати од меѓународната заедница.

Пред почетокот на Советот на министри денеска, литванскиот министер за надворешни работи, Линас Линкевичиус, изрази надеж дека ќе има согласност за санкции поврзани за овие избори. Меѓутоа ваквите санкции не би ја таргетирале директно Русија, туку само украински државјани.

Што се однесува до санкции врз самата Русија поради судирите со Украина во Азовското Море, Линкевичиус рече дека нема да има одлука денеска најверојатно, но дека “мора да биде на маса“ бидејќи станува збор за “бесрамно кршење на меѓународното право„.

Тој упати критики поради фактот што ЕУ се држи до изјави во кои изразува “загриженост“, од што Русите “не се импресионирани“, но дека санкциите се последната можност кон која ЕУ треба да посегне доколку нема промени.

-Таа опција е најефикасна во ова време, изјави министерот.

ЕУ на претстојниот Самит в четврток и петок се очекува и да ги пролонгира постоечките санкции против Русија воведени во 2014 по анексијата на Крим. Овие санкции се однесуваат на секторите на одбраната, енергијата и банкарството.

На денешниот состанок министрите ќе разговараат и за воведување европски “Магницки Акт“, нов инструмент кој треба да и овозможи на ЕУ да воведува санкции поради кршење на човековите права и би можел да биде употребен против Саудиска Арабија во случајот со убиството на новинарот Џамал Кашоги или против Мјанмар поради третманот на Рохингите.

Белгискиот министер за надворешни, Дидие Рејндерс, пред почетокот на состанокот, порача пред новинарите дека ЕУ мора да биде кредибилна кога станува збор за одбраната на човековите права.