Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски катадневно на социјалните мрежи се фали со постигнати резултати откако е на чело на МВР.

Денеска во објава на Фејсбук информира дека биле реконструирани 78 руинирани во модерни и енергетско ефикасни објекти на МВР.

– Со тоа остваривме и придонес во значителна заштеда на електрична енергија, вели Спасовски.

Тој истакнува дека со тоа била остварена заштеда од 2.731.446,12 киловат часови.

– Колку за илустрација: 2021 се потрошени 15.900.195,5 киловат часови. Во 2022 се потрошени 13.168.749,38 киловат часови. Продолжуваме со обезбедувањето на подобри работни услови и подобри услуги. Со штедењето енергија на ваков начин ги зачувуваме природните ресурси и вложуваме во поздрава животна средина, стои во објавата.

А за уште една илустрација, Спасовски кариерата во МВР ја почна со голема презентација пред новинарите и јавноста на новиот „мерцедес на Груевски“, неизмиен и изгребан од мачки, како што тогаш тврдеа од новата власт на Спасовски, и кои беа со намера „мерцедесот“ да го продадат и со парите да купат комбиња за брза помош.

Но, „мерцедесот“ беше само измиен од прашината, власта до ден-денес се вози во него, а мачорот што го изгреба се уште не е фатен.