Генерално има сериозно зголемување на бројот на барања за издавање лични документи, но обрасци за сите лични документи има доволно. Службите се добро организирани и работат и секој граѓанин ќе добие личен документ за кој има потреба, потенцира министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во гостувањето во утринската програма на Македонската телевизија (МТВ).

Тој наведе дека од 5 до 14 јули 2021 се поднесени вкупно 41.864 барања за издавање лични документи.

– За една недела имаме барања колку што сме издавале документи во целиот јуни, а некаде и околу три илјади повици дневно за барања за издавање лични документи и околу илјада преку електронскиот пристап за закажување термин, потенцира министерот.

Спасовски информира дека во јуни се издадени 42 илјади патни исправи, околу 20 илјади лични карти и околу 10 илјади возачки дозволи, а тоа е, како што рече, речиси двојно зголемување од тоа што е нормално во летниот период и се издавале во земјава.

– Генерално можеме да ја оцениме безбеднсоната состојба мирна и стабилна и без некаква тенденција да се влошува во овој период. Нема никакви индикатори за тоа, но тоа не може нас како МВР да не ослободи, туку треба уште повеќе да не мотивира затоа што резултатите што ги добиваме се покажуваат со зголемена безбедност на граѓаните. И ако споредиме со периодот јануари – јули 2020 година и овој период јануари – јули 2021 година може да констатираме дека има намалување на вкупниот криминалитет за 10,8 проценти пред се тоа се должи на намалувањето на делата од имотниот криминал, пред се на тешки кражби во обид, појасни Спасовски.

Ако споредиме стапка на криминалитет на 100 илјади жители, рече Спасовски, ние имаме стапката на вкупниот криминалитет од 562 дела на 100 илјади жители, додека истиот период лани имавме 630,8 кривични дела на 100 илјади жители. Тоа, според него, покажува проактивен пристап на македонската полиција и овој дел на работењето се должи на повеќе сегменти, пред се намалувањето на  трговија со дрога , откривањето на нелегалното оружје, миграцијата и потрагите.

Добри резултати има и во борбата со недозволена трговија со дрога, при што, информира Спасовски, се сузбиени две криминални групи со 16 члена и притоа се спречени осум меѓународни транспорти на дрога.

Во однос на оружјето, во периодот јануари-јули 2021 откриени се 77 кривични дела, со  околу 84 сторители. Откриена е и 13-члена криминална група што се занимавала со криумчарење на мигранти и подолг временски период  делувала на територијата на нашата држава. Како што наведе Спасовски, се работи за мигранти од Блискиот Исток, кои претходно престојувале во Грција и требало да поминат низ нашата земја.

Друга стратешка цел на МВР, истакна Спасовски е да се пронајдат и приведат оние лица што се бараат со централни или меѓународни потерници

Во периодот јануари – јуни 2021 година 251 лице се лишени од слобода, додека од септември лани до денес вкупно околу 479 лица се лишени од слобода што се барале со централни или меѓународни потерници.

–  Некаде околу 50-тина лица се топ приоритет за МВР, односно државата, заради тоа што се бараат повеќе години или се бараат со изречени казни затвор повеќе години. Пред 10 тина дена имавме апсење на лице кои 17 години се криело низ државата. Заслужува и внимание и признание за овие активности оператвината група што работи во МВР, изјави министерот Спасовски.

Тој говореше и за граничниот премин Џепиште – Требиште, кој функционира до одредено време во текот на денот, но не и во текот на ноќта, што претставува проблем за движењето на граѓаните.

– Таму немаше електрична енергија. МВР тој проект го реализираше. Во моментот содзаваме услови за потребна инфраструктура на тој ГП со цел да се отвори и да работи 24 часа, информира меѓу другото Спасовски, кој беше гостин во утронската програма на МТВ.