Во 2022 година Одделот за воздухопловни единици има реализирано значителен број летови од страна на Хеликоптерска единица за полициски намени, напиша министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на неговиот фејсбук профил.

– Потраги и спасување по исчезнати лица 36 летови, транспорт на болни до медицински установи пет летови, противпожарни летови 230, објави Спасовски.

За потребите на полицијата извршени се 652 летови, како и 212 летови за обуки и проверки, 224 летови за тренажа и 12 летови за оддржување.

Хеликоптерската единица за полициски намени, во рамки на МВР постои од 1969 година и е опремена со три хеликоптери марка „Бел“.

Катастрофалните пожари од 2021 година, пишува министерот Спасовски на фејсбук,  беа сигнал за МВР да набави најсовремена опрема.

– Како раководство на МВР и на Одделот за воздухопловни единици, ги препознавме овие потреби на државата за поуспешно справување со пожарите, а со тоа и подобра заштита на граѓаните и имотот. Така, со посебно задоволство би напоменал дека за хеликоптерот „Бел 212“, обезбедивме најсовремена опрема, оспособен за гаснење на пожари – едно ведро за „Бел 212“ и Симплекс резервоар за „Бел 412“, објави Спасовски.

Според министерот Спасовски, успешно е завршена и меѓународна обука од словенечката полиција и тоа за носење подвесен товар и за гаснење на пожари, за сите пилоти од Хеликоптерската единица за полициски намени

– МВР е сервис на граѓаните во сите сегменти на полициското работење, а заштитата и безбедноста на граѓаните останува наш врвен приоритет. Продолжуваме и во 2023!, напиша на ФБ министерот за внатрешни работи Спасовки.