Техничкиот премиер и потпретседател на СДСМ Оливер Спасовски очекува наскоро да биде формирана новата Влада од страна на СДСМ.
Тој ги оценува како небулозни обвинувањата од страна на опозицијата за купување пратеници, потенцирајќи дека ќе нема нови избори.
-Наводното купување на пратеници е уште една небулоза на Мицкоски од спектарот небулози кои секојдневно ги кажува. Ние сме сериозни и така ќе се однесуваме и при формирањето на владата. Низ разговор, низ дијалог, со прифаќање на принципите за кои се залагаме, тоа ќе биде основа на која ќе побараме поддршка од пратениците во македонското собрание. Очекувам тоа да се случи многу скоро по формирањето на македонското Собрание, рече Спасовски за „Утрински брифинг“.
Во врска со тоа дали имаат неофицијални разговори околу новата Влада, Спасовски повтори дека СДСМ и коалицијата таквите разговори ќе ги почнат после празникот 2 Август.
-Инаку секако дека имаме контакти со политичките партии разговараме, меѓутоа, детално околу парламентарното мнозинство, околу Владата, ќе започнат официјални разговори после Илинден, со партии кои пред се се проевропски кои имаат перспектива и визија за државата, рече Спасовски.
Прашан да даде коментар на изјавата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ дека ќе има нови избори на есен, Спасовски рече оти тој постојано ги менува ставовите.
-Мицкоски секој ден ги менува ставовите. Нели до пред некој ден велеше дека тој ќе формира влада, дека составува парламентарно мнозинство. Сега вели нови избори. Тоа е сепак негова работа. Изборите поминаа. На нив има јасен победник. Тоа е СДСМ. Ние ќе ја формираме новата влада, истакна Спасовски за „Утрински брифинг“.