Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски вечерва на неговиот фејсбук-профил наведе дека со посебна чест присуствувал на доделувањето на УНХЦР „Нансен” наградата за бегалци, врачена на годинешниот глобален лауреат, поранешната германска канцеларка, Ангела Меркел, како признание за лидерството, храброста и сочувството во осигурување на заштитата на илјадници луѓе.

Спасовски потсети дека под лидерството на Меркел, Германија прифати повеќе од 1.2 милиони бегалци и баратели на азил во 2015 и 2016 година во екот на конфликтот во Сирија. Тоа беше, како што истакна министерот, тест на европските вредности, но и морален императив, како што тогаш изјави и самата Меркел, при повикот до германскиот народ со отворен и слободен ум да ја отфрлат поделбата по национална линија.

– Токму затоа, заедно со мојот тим во 2015 година сериозно се ангажиравме по ова прашање, и како еден од главните приоритети во моето раководење со МВР, во таа насока, би сакал да ја истакнам и исклучителната важност на улогата на МВР, преку проактивната позиција во континуитет за унапредување и развој на граничната полициска служба, а се со цел ефикасно управување со границите, со миграциите и спречувањето на илегалната миграција долж „Западнобалканската рута“. Граничното управување во голем степен е усогласено со европските стандарди во делот на граничната безбедност, а МВР е еден од главните столбови на националниот систем за Интегрирано гранично управување составен од повеќе државни институции, кој се развива согласно Европскиот концепт, нагласи Спасовски.

Министерот упати најсрдечни честитки за Меркел, и ја опиша како голем пријател и поддржувач на македонскиот народ, со желби за континуиран успех, како на професионален, така и на личен план.