Улогата на полицијата во спроведување на одлуките и мерките на владината стратегија за запирање на ширењето на вирусот, е огромна и од исклучителна важност, изјави техничкиот премиер Оливер Спасовски.

– Посебно охрабрува дека навистина сме ги донеле правилните одлуки, за што деновиве говорат и бројките на намалени случаи на заболени. Особено сум горд што ова е успех и на воспоставените норми и концепт за Јавниот мир и безбедноста, како гаранција за заштита на човековите права и слободи, изјави Спасовски во видео обраќање.

Тој во видео пораката во чест на 7 мај истакнува дека оваа година овој ден се одбележува во вонредна состојба заради здравствено-економската криза предизвикана од коронавирусот.

– Овој успех е резултат и на воспоставената силна институционална свест и структура како брана против сите тенденции на корумпирање на безбедноста и против ставање на полицијата во функција на злоупотребата и незаконито работење, како што беше до пред три години. Во таа насока, еден сериозен и значаен дел од енергијата и мерките од реформите беа посветени примарно на генералното подобрување на материјално техничките услови за работа токму на оние од кои што зависи спроведувањето на правото и законите – а тоа е полицијата, рече Спасовски.

Посочува дека во реализирање на реформите се воделе од фактите дека интегритетот, опременоста и статусот на полицискиот службеник се императив без кој што е невозможно спроведување на каква било системска реформа во тој домен.

За постигнатото, како што вели Спасовски, најдобро сведочат домашните и меѓународните анализи и истражувања кои потврдуваат дека Македонија воспоставува професионална и стручна полициска служба која што е определена да биде реален и доверлив сервис на граѓаните.

– Затоа со право веруваме дека во наредниот период, ќе продолжиме да ги јакнеме севкупните капацитети на Министерството за внатрешни работи, за уште подобри резултати во работењето на сите организациони единици. Нека ни е честит 7 мај – Денот на македонската полиција, рече премиерот Спасовски во видео-обраќањето по повод Денот на полицијата.