Во МВР за 4 години инвестиравме 10 милиони евра во униформи, од 2017 до 2021 година и ако некој кажува дека не добива униформи, тоа не е така, вели министерот Оливер Спасовски.

Тој на својот службен профил, како и на профилот на МВР на Фејсбук, објави „негови факти за неговите успеси“ во „борбата“ за обување и облекување на македонската полиција.

– Во 2021 година со 45% поголеми инвестиции за полицијата, со вредност од 298.245.398 денари продолжија активностите за нејзино опремување, можеби и најголемо по опфат на служби досега.
Униформираната полиција доби по 10.000 пара полувисоки чевли, како и чевли со подебел ѓон, по 10.000 кошули зимски и летни, со долг ракав и со краток ракав, по исто толку летни и зимски капи и ремени, 8.000 виндјакни со влошка, 8.550 пара високи специјални чизми,по 6.452 рала машки зимски и летни панталони, по 757 рала женски зимски и летни панталони и по 790 зимски и летни здолништа, 6.950 машки и 1050 женски маици со кратки ракави со јака. Приправниците добија 670 комплети униформи 1.340 маици, а обезбедени се и 2.330 парчиња флоуресцентни елеци. За Одделот за заштита на определени личности и објекти во рамки на БЈБ обезбедени се 427 цивилни одела и по 427 цивилни кошули и обувки, а униформи и опрема за воздухопловен персонал доби и Хеликоптерската единица кој се состоеше од зимска летачка јакна и заштитен комбинезон. Продолжуваме со несмален интензитет и во 2022!- објави Спасовски на Фејсбук.

Министерот Спасовски многу често се фали со фасадите, униформите, донациите на чизми и чорапи за македонската полиција итн. Секако дека е важно и полицијата како и војската, да имаат униформи, чизми и чорапи, но граѓаните очекуваат повеќе резултати во борбата со криминалот и корупцијата во Македонија, а не само министерски резултати за варосани полициски станици и нови униформи за полицијата.

Ваквата политичка промоција на МВР, и на неговиот министер, се случува во денови кога истото е прозвано во врска со трагичниот настан во кој беше убиен хрватскиот ракометар Денис Тот, кога шеф на полициска смена на граничниот премин Блаце е фатен (од новинари на албанска ТВ) како прима мито итн.

Така што, промоциите на сукњите и маиците на Спасовски нема многу да ги стоплат граѓаните на кои полицијата треба да им служи за сузбивање на криминалот, а не само за облекување и обување.