Реформските процеси во рамките на МВР што беа прекинати изминатите девет месеци поради техничката влада и изборниот процес мора да продолжат, во насока на јакнење на структурите на полицијата преку подобрување на условите за работа. Секако тоа зависи од можностите на државата, но капиталните инвестиции мора да се спроведат. Мој врвен приоритет во наредниот мандат ќе биде обезбедување сериозна поддршка за македонската полиција. Тоа денеска од Охрид го порача министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски кој ги отвори традиционалните 17. Спортски игри на полициските сили организирани од Македонскиот полициски синдикат.

Во разговор со припадниците на полицијата од сите структури учесници на спортските игри Спасовски истакна дека на начин како што тоа го правел во периодот пред да биде назначен за технички премиер, според утврдените приоритети ќе продолжи реализацијата на сите проекти насочени кон подобрување на професионалните перформанси на полицијата.

-Имаме објекти што не се реконструирани и по 70 години. Заврши постапката за избор на компанија што ќе продолжи со реконструкција на објектите по приоритети, како Крива Паланка, Куманово, Гевгелија итн. Во подготовка е проект за нова полициска станица во Аеродром, а пред одлука сме дали ќе се реконструрира или гради нов објект за полициска станица Бутел. Со ИПА проекти завршуваме со ИКТ центарот во Прилеп, со што ќе се сертифицираме како лабараторија за крим-техника, како и изградба на нов центар за странци. Тоа се капитални проекти, рече Спасовски.

Тој потсети дека токму полицијата во изминатиот период на здравствена криза демонстрирала како се работи сериозно и одговорно во кризни моменти за државата и заради тоа најави поддршка на раководството на МВР за оствараување на целите за кои се залага целото МВР.

-Сериозна поддршка на македонската полиција, продолжување на реформите, професионализација, јакнење на етичкиот елемент кај секој полициски службеник, зајакнување на довербата на службата кај граѓаните. Ќе работиме деноноќно, посветено, да демонстрираме подготвеност во исполнувањето на професионалниот ангажман, во одбрана на интересите на граѓаните и државата. Тоа е ваша задача за која барам поддршка, преку чесен, одговорен ангажман и заеднички напори да работиме на остварување на заедничките цели и интереси, рече Спасовски.

Одговорајќи на прашања од интерес на вработените во МВР Спасовски истакна дека ќе се залага за подобрување на условите за сите вработени во службата, поголема застапеност на квалитетни женски кадри во раководните полициски структури, системски реформи насочени кон сузбивање на пропустите и злоупотребите при исплаќањето на надоместоците за прекувремен ангажман, набавка на нови редизајнирани униформи, опрема за тековно работење и техничко унапредување на професионалниот полициски ангажман.

-Сето тоа ќе зависи од финансиската моќ, преку дијалог со синдикатотда најдеме разумни решенија и механизми што нема силно да удрат врз буџетот на МВР, а сепак да можеме да ги задоволиме сите барања во насока, пред се преку создавање систем што ќе биде добра основа за уредување на сите прашања. Се залагам за принципиелни решенија, или да има за сите или да нема за никој. Популизмот во полиција не смее да минува, мора да се обезбедат издржливи решенија што ќе резултираат со добра мотивираност во службата, рече тој, најавувајќи нова систематизација што ќе значи поеднакво работно оптеретување кај службениците и соодветна парична награда.

Спасовски изрази задоволство од начинот на кој се остварува соработката со Македонскиот полициски синдикат, како начин за уште подобра заштита на интересите и правата на вработените во службата.

-Сржта на заштитата и унапредувањето на работничките и социјалните права е токму синдикалното организирање, а секое општество што тежи кон развој и просперитет е долно да ги негува и поддржува сите легитимни синдикални аспекти на делување. Нема подобар начин од продлабочување на синдикалната солидарност од другарувањето, градењето заеднички дух преку здрава конкурентност, меѓусебен респект преку спортско натпреварување. Важноста на заедничката работа се покажа токму во овој специфичен период на здравствената криза што се уште не не одминува, а во која вие дадовте се од себе и бевте на браникот на државата, како што тоа секогаш го правите кога има потреба. Во нормална ситуација малку другите сакаат да слушаат за значењето на полицијата. Меѓутоа кога дојде моментот на криза и кога вие застанавте на браникот на државата, така што малку повеќе се отворија и перспективите и хоризонтите на сите луѓе да размислуваат за важноста од добро организирана, професионално подготвена и технички опремена полиција, рече тој.

На Спортските игри на Македонскиот полициски синдикат оваа година поради ситуацијата со коронавирусот има помал број учесници од изминатите години, без учество на гости од соседните држави и без организација на колективни спортки игри. Оваа година на игрите учествуват стотина полициски службници на МВР кои ќе се натпреваруват во шах, пикадо, табла, серва со фудбалска топка и слободни фрлања на кош.