– Го гледав Игор Југ како повеќепати посегнува кон пиштолот, рече Спасовски на сведочењето за во судот з настаните од 27 април, нагласувајќи оти претседателот на Собранието Талат Џафери повеќепати барал интевенција од тогашниот министер за внатрешни работи, но таква интервенција не се случила повеќе од два часа од почетокот на инцидентот.

Како што јавува МИА, тој одговарајќи на прашање на обвинителката Вилма Русковска, даде исказ за тоа што се случувало тој ден во законодавниот дом, нагласувајќи оти во прес-центарот на Собранието немилите настани траеле од околу 18 до 22 часот.

Тој заедно со Зоран Заев и останатите кои биле присутни во просторијата, стравувале за сопствените животи откако околу 15 лица со фантомки на главите упаднале внатре, а по нив и група од граѓаните кои претходно насилно влегле преку службениот влез во Собранието.

– Влегоа организирана група со фантомки но и други луѓе кои почнаа да не напаѓаат, да не удираат со сталаци за камери, со летви, со столици, и да извикуваат сите ќе ве убиеме, оттука живи нема да излезете. Имаше страшна тензија. Дел од луѓето кои носеа фантомки ги познавме, рече Спасовски.

Спасовски истакна оти напаѓачите ваделе кабли од камерите правеле јамки и едната од нив ја фрлиле кон Заев. Додаде дека од сите страни летале предмети.

Тој додал дека Заев целиот бил раскрварен и оти тој бил удрен со столица со дрвен предмет и се здобил со фрактура на носот.

– Еден од присутните рече „Спасовски го заклавме Села, сега на ред си ти, па Заев“. Речиси и да немаше пратеник кој не беше повреден, рече министерот Спасовски.

Пратеникот Влатко Ѓорчев повеќепати влегувал во прес-центарот за да ја види ситуацијата и се обидел да ги смири пратениците.

По повеќе од два часа од почетокот на инцидентот во прес-центарот влегол тогашниот прв човек на Алфите Ивица Анчевски Пуки, и други припадници на алфите за да ги извлечат пратениците. Тие биле одведени во канцеларијата на Влатко Ѓорчев каде им била пружена медицинска помош, а потоа преку гаражите на Собранието биле спроведени до касарната Ѓорче Петров.

Спасовски истакнал дека иако биле повредени не заминале во Клиничкиот центар бидејќи не се чувствуавале безбедно, туку се упатиле кон зградата на СДСМ каде дошле медицински екипи.

Во својот исказ Спасовски нагласи оти неколкупати го видел Игор Југ како се фаќа за појасот и оти претпоставува оти тој посегнува по пиштол.

Во текот на вкрстеното испрашување од страна на одбраната, Спасовски одговори дека тој претпоставува и оти не може да тврди дека станува збор за пиштол.