Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски редовно објавува за успеси на МВР во модернизација на полицијата, нови фасади на полициски станици и опремување со инвентар.

-За прв пат од изградбата на Полициската канцеларија Старо Нагоричане ја реконструиравме со цел да создадеме модерна, опремена, стручна и мотивирана полиција, објави Спасовски денеска на Фејсбук.

Спасовски ова го поткрепува и со видео материјал што го објави на неговата официјална Фејсбук страница.

Освен премалтерисување и обнова на некои од фасадите се врши и замена на врати, прозорци и варосување на ентериерот. Пред неколку дена беше предаден и пуштен во употреба фрижидер со коморче за длабоко замрзнување на полициската станица во Кавадарци, за потребите на тамошниот Полициски синдикат.

Опремувањето на полицијата продолжува, а освен подобри услови за работа граѓаните очекуваат и поефикасна работа од полицијата во сузбивањето на криминалот и корупцијата во Македонија.