На подрачјето на Ранковце бележиме намалување на кривичните дела за цели 60 проценти за првата половина од годинава, во споредба со истиот период лани, соопшти министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.

За овој успех, како и за поправките на објектот на полициската станица во Ранковце, Спасовски се пофали на официјалниот профил на Фејсбук:

-Денеска остварив работна средба со колегите од ПО Ранковце, при што имав можност да направам и увид во реализираните реконструкциски работи на објектот на оваа организациона единица при СВР Куманово, со кои што се подобруваат условите за извршување на секојдневните работни задачи, а кои ќе ги задоволат потребите како на полициските службеници, така и на граѓаните од овие средини. Впрочем, нашите колеги овде тоа го заслужуваат особено поради позитивните резултати што ги остваруваат, изразени во статистичките показатели според кои, на пример, на подрачјето на Полициското одделение Ранковце бележиме намалување на кривичните дела за цели 60 проценти за првата половина од годинава, во споредба со истиот период лани. Остануваме целосно посветени на зацртаните планови за подобрување на материјално-техничките стандарди на работа и функционирање на сите организациони единици при Министерството за внатрешни работи, објави Спасовски на Фејсбук.

Спасовски и МВР секојдневно соопштуваат резултати од нивната работа. Неодамна полициската станица во Кавадарци беше опремена со фрижидер со комора за длабоко замрзнување, завчера пристигнаа чевли од Италија со тенок ѓон, вчера 40 дрегери за тестирање напиени возачи… МВР се подновува и се опремува за поуспешна борба против криминалот и корупцијата во Македонија.

Во таа насока е и другата денешна објава на Спасовски за „стратешките активности за континуирано подобрување на материјално-техничките и инфраструктурни капацитети“ на македонската полиција во Старо Нагоричане.