Сите вработени во МВР ќе бидат опфатени со процесот „ветинг“.

Ќе се проверуваат нивното стручно образование, интегритет, имотната состојба и евентуални криминални активности од одредени структури во МВР, изјави министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, пред почетокот на денешната трибина на тема „ветинг“, по промоцијата на списанието „Безбедност“ во Домот на АРМ во Скопје.

Судството и обвинителството, меѓу другите, нагласи Спасовски, треба да имаат интерес за ветинг, со цел да се јакне професионалноста и интегритетот на градење систем што ќе функционира во заштита на државата и на граѓаните и нема да зависи ниту од политиката, ниту од политичарите, туку систем што ќе ја штити правната држава и ќе создава можности за равој.

Одговарајќи на новинарско прашање дали е запознат со постоење двојни агенти вработени во МВР, Спасовски одговори дека веќе е почнат процесот на ветинг во Управата за безбедност и контраразузнавање.

– Сакам тоа да го утврдат комисиите. Не е добро претходно да шпекулираме за да бидеме атрактивни во медиумите, туку да се утврди и да се донесат вистинските одлуки, изјави министерот за внатрешни работи.

Прашан дали како како потпретседател на Владата знае дали генералниот секретар на Драги Рашковски бил задолжен за да се вклучи во тендерот за системот М-НАВ и постои ли службена белешка за тоа, Спасовски одговори дека во моментот не знае дали има каков било заклучок и задолжение.

– Знам дека на последната седница на Влада разговаравме во делот на извештајот за инцидентот што се случил во Македонската навигација.  Донесени се соодветни заклучоци по кои треба да се постапува и во рамки на тоа сите овие прашања треба да се расчистат и благовремено да се информираат, појасни Спасовски.

Тој додаде дека има одредени пропусти во институцијата, а тоа, информира, го разговарале на затворена владина седница и врз основа на тоа се донесени заклучоци за кои, рече, сега јавно не може да говори.

На новинарско прашање што се презема во однос на полициските службеници кои се побогати и од одредени бизнисмени, министерот Спасовски повтори дека се покренати многу постапки кои се однесуваат на фалсификувани дипломи.

– Постојат и многу луѓе кои имаат поголем имот од повеќе бизнисмени кои долги години се занимаваат со бизнис. Токму заради тоа ветинг процесот бара да ги утврди овие факти, изјави меѓу другото министерот Спасовски.

Во однос на препораките од ГРЕКО кои во најголем број се однесуваа на МВР, Спасовски нагласи дека пред две недели во рамки на МВР е формирана работна група која ќе работи на препораките.

Според професорот Никола Дујовски, припадниците на МВР пред се треба да имаат професионален пристап кон работата, а тоа подразбира бескрајно чист процес на селекција, на луѓе кои ќе бидат подготвени обуката врз европски стандарди  за да можат после тоа да се градат во МВР.

– Полицискиот службеник мора да има интегритет, а тоа подразбира отпорност на какви било влијанија што не се предвидени во законите. Мора да има логичен редослед во кариерата и еднаш засекогаш треба да разбереме дека секој полициски службеник односно оној што се одлучил да и служи на државата мора да биде посветен до крај и не би требало да има 20 фирми што му носат промет колку една полициска плата за цело МВР, изјави Дујовски. Додаде дека ветинг процесот треба да продолжи во јавното обвинителство и судството, но искуствата од  странските земји се многу мали, затоа што, потенцира, во Холандија, Белгија, Франција немало такво загрозување на безбедносниот систем преку класична партизација или непрофесионалноста.