За првпат во 14- месечната битка со Ковид-19 во Инфективната клиника во Тирана во последото деноноќие нема ново хоспитализирано лице заразено со опасниот вирус, јави дописничката на МИА од Тирана.Исто така, според Топ чанел, денеска не може да се забележат блиски на болни кои чекаат во кругот на клиниката.– Во последните 24 часа во Инфективната клиника не се пријави ниту еден пациент со Ковид-19. Се уште е рано да прогласиме победа, но веќе ја гледаме светлоста на крајот од тунелот, изјави еден од најпознатите инфектолози, професорот Тритан Кало, кој од самиот почеток е непосредно ангажиран во третирањето на ковид пациентите во клиниката.Освен пациентите погодени од вирусот, кои се лекуваат во домашни услови, во ковид болниците се хоспитализирани 99 пациенти.

Професорот Кало, сепак, апелира до граѓаните и понатаму да бидат внимателни и совесни во почитувањето на мерките и протоколите, особено да не потпаѓаат под влијание на „злонамерниците кои зборуваат против вакцинација”.Што се однесува до процесот на имунизација тој се одвива според зацртаниот план и до сега опфатени се околу 600 илјади лица, додека до крајот на овој месец се очекува да бидат имунизирани милион албански граѓани.Во последното деноноќие од направените 4.516 тестови позитивен резултат е добиен кај 89 од нив, оздравеле 873,  а починале три лица.Од почетокот на пандемијата во земјата се направени 656.876 тестови, позитивни биле 131.666, оздравеле 116.126, починале 2.411, додека активни на болеста се 13.129 лица.

За разлика од Албанија, во изминатите 24 часа во ковид центрите во Скопје се хоспитализирани 22 нови пациенти поради компликации од корона вирусот. Вкупно 340 лица сомнителни и потврдени за Ковид 19 се лекуваат на инфективните оддели во главниот град.

Во последното деноноќие, на Интерните и хируршки клиники имало 7 приеми.

Во ковид центарот во ГОБ 8 Септември имало 13 примени пациенти и 2 билe примени на Инфективната клиника во текот на вчерашниот ден. Во Козле не биле примени болни, a на Клиниката за Детски болести имало еден прием. На Институтот за физикална медицина немало примени.

Во изминатите 24 часа дома се пуштени 67 оздравени пациенти.

Во ковид центрите на Интерните и на хируршките клиники се лекува 112 пациент.

Во ГОБ 8 Септември има вкупно 118 болни, а на Клиниката за инфективни болести лежат 95 пациенти, додека на Иститутот за белодробни заболувања кај деца Козле има 7 пациенти. На Клиниката за детски болести има едно дете позитивно на ковид 19 вирусот, а на ГАК нема позитивни пациентки. На Институтот за физикална медицина и рехабилитација има 7 болни.

Вкупно 340 пациенти потврдени и сомнителни за Ковид 19 се лекуваат на инфективните оддели во болниците во главниот град. Голем дел од пациентите се на кислородна поддршка.