Владејачката Српска напредна странка (СНС) на претседателот Александар Вучиќ денеска во Земун одржува седница на Претседателството и на Главниот одбор на која ќе се разгледува изборната платформа на партијата со која ќе настапи на претстојните парламентарни и локални избори на пролет.
Во пресрет на седницата на Главниот одбор, Вучиќ најави големи кадровски промени во партијата, како и смена на 50 до 60 отсто од министрите во владата по победа на изборите.
Вучиќ, исто така, кажа дека „додека е жив нема да има преодна влада, ниту странците ќе ја составуваат новата влада“, што беше проследено со силни аплаузи.
– Им рековме (на опозицијата), ајде изменете ги избирачките списоци, за што ни рекоа дека тоа го прават државните органи. Па, потоа проблем им беше финансирањето на партиите, потоа РТС, а потоа излегоа со генијална идеја да не учествувам во кампањата и им реков дека може, но следниот пат. И, тогаш истиот ден, Чедомир Јовановиќ (ЛДП) и Бошко Обрадовиќ (Двери) се обединија, и рекоа: Ајде, Вучиќ, да не изгласаш во преодна влада, а јас им реков да додека сум жив нема да има никакви преодни влади, затоа што ја почитувам волјата на народот. Вие нема да го гледате Боки 13 во Србија, нема српската влада да ја одредуваат странците, туку српските граѓани, рече Вучиќ, додавајќи дека „странците се добредојдени, но да ја рушат Србија за да добијат власт оние што немаат доверба на народот – сиктер, од тоа нема ништо“.
Тој порача дека на листата на кандидати за пратеници ќе има повеќе членови на СНС отколку порано, и покрај соработката со коалициските партнери, затоа што е важно да се измери силата на партијата на СНС и силата на другите.
Со оваа седница, СНС ги започна подготовките за редовните парламентарни избори во Србија, за разлика од опозицијата која најави бојкот на изборите додека не бидат исполнети услови за фер и чесни избори.
По пропаѓањето на тркалезните маси осмислени како замена на дијалогот меѓу власта и опозицијата околу изборите, во Белград пред два дена беа и претставници на Европскиот парламент, Едвард Кукан и Кнут Флекенштајн, после што Вучиќ изјави дека тоа го гледа како „обид за интернационализација на така наречените проблеми на демократијата во Србија“.
– Тие го сонуваат македонското сценарио и му се молат на Бога дека, исто како и Боки 13, ќе носат торби со по милиони евра и ќе им ги делат на обвинителите, Чарлиевите ангели, кои би ги поставиле заедно со странците. Тоа нема да се случи во слободна Србија, денешна Србија, изјави српскиот претседател и лидер на владејачката СНС, Александар Вучиќ, коментирајќи ги вчера за „Политика“ условите на опозицијата за да не ги бојкотира изборите.