Ако Македонија и Грција постигнат решение, тоа ќе го зголеми притисокот врз Србија, стои во денешниот текст на белградска Политика. Според весникот, во таков случај, Белград веднаш би се нашол на удар на западните сили кои ќе бараат да склопи договор со Приштина со кој Косово би било признато во ООН.

Според Драгомир Анѓелковиќ, кого го цитира Политика, тие што ги поддржуваат косовските Албанци и се нивни ментори, се истите тие кои сакаат Македонија и Грција што поскоро да постигнат договор околу името.

„Ако дојде до тој договор меѓу Македонија и Грција, тој сигурно нема да ги стабилизира приликите на западен Балкан, зашто ќе почне да се стега обрачот околу Србија, но и околу Република Српска. Со решевање на спорот околу името, евроатлантитите симболично би ја добиле битката што би довело до јакнење на идејата дека Србија треба да ја признае независноста на Ксоово“, истакнал Анѓелковиќ.

И историчарот Александар Раковиќ, познат по своите антизападни ставови, истакнал дека со решавање на нашиот спор со Грција, концентрацијата на запад ќе биде на Србија, бидејќи сите останати отворени прашања на запдниот Балкан, директно или индиректно се поврзани со Белград.

„Кога ќе се реши македонското прашање, тие разно-разни типови од безбедносните структури кои учествуваа во разрешување на ова прашање ќе се свртат кон нас. Тогаш претседателот на Србија Вучиќ ќе биде изложен на се поголеми притисоци“, рекол Раковиќ.