Во пресрет на вечерашното отворање на „Струшките вечери на поезијата“, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова го прими Луис Гарсија Монтеро, директор на Институтот „Сервантес“ и истакнат шпански поет, придружуван од Рафаел Сориано Ортиз, амбасадор на Шпанија во Скопје.

Во својство на покровителка на фестивалот, таа истакна дека шпанската поезија има посебно место во неговата историја, потсетувајќи на учеството на Рафаел Алберти во 1978 година и на шпанскиот лауреат Хусто Хорхе Падрон, кој ќе остане запаметен по извонредните стихови посветени на Струга.

За претседателката, Институтот „Сервантес“ одигра клучна улога во развојот и промоцијата на шпанскиот јазик и култура, за што, Луис Гарсија Монтеро има особена заслуга.

Потенцирајќи ја важноста на шпанско-македонската културна поврзаност и соработка, гостинот посочи дека Институтот „Сервантес“ потпишал Меморандум за соработка со Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.

Соговорниците оценија дека отворањето на Институт „Сервантес“ во Скопје, на чија реализација активно работат Монтеро и амбасадорот Ортиз, би овозможило продлабочување на културните врски меѓу двете земји.

Гостинот изрази заложба за отворање Катедра за шпански јазик во рамките на Филолошкиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, како и проширување на употребата на шпанскиот јазик во македонскиот образовен систем.

Средбата се заокружи со размена на подароци инспирирани од „Дон Кихот“. Претседателката на Монтер му подари монографија со слики на Владимир Георгиевски, меѓу кои и оние од циклусот посветен на „Дон Кихот”, а од шпанскиот гостин доби марама со илустрации од историското издание на романот на Сервантес.