Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во рамките на самитот на Европската народна партија во Софија, во Резиденција Бојана оствари средби со Јоханес Хан и Себастијан Курц.
На билатералната средба со комесарот за проширување на Европската унија, Јоханес Хан, кој воедно е и потпретседател на Европската народна партија, Мицкоски разговараше за повеќе актуелни теми поврзани со евроинтеграциите на Република Македонија, како и за вкупните политички состојби во Република Македонија.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ го информираше Хан за актуелните случувања во Република Македонија, за економските движења, за политичката состојба, како и невклучувањето на опозицијата во преговорите околу името.
Двајцата соговорници ја нагласија потребата од постојана комуникација помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и Европската комисија, како и силно позиционирање на ВМРО-ДПМНЕ во рамките на Европската народна партија.
Христијан Мицкоски оствари средба со австрискиот канцелар, Себастијан Курц. На средбата стана збор за македонско- австриските односи, како и за вкупните процеси на европеизација на регионот, односно како земјите од Западен Балкан да бидат поблиску до ЕУ.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ го информираше Курц во делот на моменталните актуелности и влошените економски индикатори, влошената економската клима во Македонија и стагнирањето на економијата.
Себастијан Курц како лидер на австриската народна партија порача дека ќе продолжи досегашната и идна соработка меѓу ВМРО-ДПМНЕ и неговата партија. Курц најави дека тој и неговата партија ќе бидат силни поддржувачи за проширување на ЕУ, како и поддржувачи на силната позиционираност на ВМРО-ДПМНЕ во ЕПП.
Мицкоски оствари разговор и со претседателот на Европскиот Совет, Доналд Туск. Се разговараше за стратешката цел на државата за интеграција во Европската Унија и за продлабочување на соработката на тој план.