Шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров синоќа разговараше со американскиот државен секретар Мајк Помпео на маргините на состанокот на Арктичкиот совет што се одржува во Рованијем, Финска.

Лавров предупреди дека американска воена интервенција во Венецуела би била неоправдана и би претставувала катастрофа.

Рускиот министер средбата со Помпео ја оцени како конструктивна и оти е постигнат „пристоен напредок во разговорите за стратешката нуклеарна стабилност“.

Лавров истакна дека се надева дека рускиот и американскиот претседател Владимир Путин и Доналд Трамп би имале можност за нова средба по нивниот состанок во Хелсинки минатата година.

Во меѓувреме Помпео истакна дека разговорите со Лавров секогаш се директни.

– Ние често разговараме по телефон. Сме се сретнале неколку пати. Разговорите секогаш се директни, секој од работи на своето ниво, најдобро за да претставиме што нашите лидери бараат од нас. Нашиот однос е сосема добар, посочи Помпео за финската телевизија ИЛЕ (YLE).