Рускиот и кинескиот претседател Владимир Путин и Си Џинпинг на денешната средба ќе разговараат за актуелни меѓународни теми, вклучително и за Северна Кореја, Иран и Венецуела.

– Што се однесува на меѓународната агенда, двата претседатели ќе разговараат за сите актуелни прашања. Ставовите на Кина и на Русија за важните меѓународни прашања или во целост се поклопуваат или се слични, изјави синоќа советникот на Путин, Јуриј Ушаков.

Тој како предвидени теми за разговор ги посочи ситуацијата на Корејскиот Полуостров и во Венецуела, потоа иранската нуклеарна програма, договор за Сирија, соработката во азиско-пацифичкиот регион, како и односите на Русија и Кина со големите западни сили, меѓу кои и САД.

– Москва и Пекинг активно го поддржуваат политичко-дипломатското решение на проблемите на Корејскиот Полуостров, како механизам за осигурување на мир и безбедност во североисточна Азија. Руско-кинеската патна карта за решавање на овој проблем е активирана во пракса, истакна Ушаков.

Лидерите планираат да разговараат и за Заедничкиот сеопфатен план за акција (ЈЦПОА), кој е постигнат за нуклеарната програма на Иран.

– Ние заедно со Кина сметаме дека овој план ефикасно и во целост обезбедува мирнодобска примена на иранската нуклеарна програма и воопшто придонесува за контрола на вооружувањето. И секако дека е потребно да се види дали овој главен документ функционира во пракса, наведе Ушаков.

Путин и Си по разговорите во Кремљ ќе присуствуваат на церемонијата на предавање на две големи панди на Московската зоолошка градина, а за вечерва е предвиден свечен концерт во Болшој театар по повод 70 години од воспоставувањето на дипломатските односи помеѓу двете држави.