Лидерите на земјите од Југоисточна Азија, Кина и други соседни држави се сретнаа денеска во Сингапур и го истакнаа напредокот за заштита на мирот во спорното Јужно Кинеско Море како доказ дека регионот самостојно успева да се справи со овие прашања.

На средбата во Сингапур и Форумот на Азиско-тихоокеанската економска соработка кој ќе се одржи кон крајот на неделава, учествуваат лидерите на Кина, рускиот претседател Владимир Путин и шефови на други регионални сили, додека Америка ја пртставува потпретседателот Мајк Пенс.

Самитот на Асоцијацијата на земјите од Југоисточна Азија (АСЕАН) се фокусираше на безбедноста и трговијата, а главното прашање беше справување со конфликтот во Јужното Кинеско Море, каде што Кина има територијални спорови со своите помали соседи.

Кинескиот премиер Ли Кечијанг изјави дека регионот е добар пример за справување со територијалните спорови и за одржување на мирот, работејќи за утврдување на „кодекс на однесување“ кој ќе ја регулира пловидбата и други активности.

– Во последниве години го наоѓаме вистинскиот начин да ги решиме и неутрализираме разликите, на пример, за прашања за Јужното Кинеско Море, рече тој.

Според него, ситуацијата се движи кон „поголема стабилност“ со напредок кон проект за кодекс на однесување на море. Тој ја повтори надежта на Кина за конечно решение за три години.

Филипински претседател Родриго Дутерте рече дека сличен кодекс е неопходен „по секоја цена“, за да го регулира однесувањето во Јужното Кинеско Море, со цел да се избегнуваат погрешни проценки и проблеми, алудирајќи дека евентуалните ризици се поврзани со можни проблеми со надворешни сили.

Регионот веќе има необврзна „Декларација за однесување“, но бара построг договор.

– Сè е одлично меѓу Кина и другите земји од АСЕАН, со исклучок на фактот дека постои затегнатост меѓу западните земји и Кина, рече Дутерте.

Индонезискиот претседател Џоко Видодо денеска предложи севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун да биде поканет на јубилејниот самит на АСЕАН кој следната година ќе се одржи во Јужна Кореја.

– Се надевам дека евентуалното учество на Ким Џонг-ун ќе ја засили решеноста на Пјонгјанг да го денуклеаризира Корејскиот полуостров, рече Видодо.

Индонезискиот претседател, исто така, истакна дека неговата земја „целосно го поддржува мировниот процес на Корејскиот полуостров“.

Претходно, јужнокорејскиот претседател Мун Џе-ин ги објави плановите на Сеул следната година да се одржи специјален самит посветен на 30-годишнината од воспоставувањето на односите со АСЕАН. Тој изрази уверување дека претстојниот состанок ќе им помогне на учесниците да воспостават поблиски односи и „да одат по патот на заедничкиот просперитет“