Саудискиот принц Мохамед бин Салман се обидел да го убеди израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху да започне конфликт со Хамас во Газа, како дел од планот да се сврти вниманието од убиството на новинарот Џамал Кашоги, тврдат извори од Саудиска Арабија за порталот Мидл Ист Ај.

Информацијата ја објави главниот и одговорен уредник на овој портал Дејвид Херст, новинар кој повеќе години бил шеф на надворешно политичката редакција на Гардијан.

Како што пишува Херст, конфликтот во Газа бил „една од мерките и сценаријата кои ги предложила итната работна група, востановена со задача да ја ублажи штетата поради информациите за убиството на Кашоги кои доаѓаат од турските власти“. Во групата се официјални лица од Кралскиот суд, министри за надворешни работи и одбрана, разузнавачи, кои принцот морале да го брифираат на секои шест часа.

Поткуп за Ердоган

Тие му советувале на Салман дека конфликт во Газа ќе го сврти вниманието на американскиот претседател Доналд Трамп и фокусот на Вашингтон ќе се префрли на улогата на Саудиска Арабија која ја игра кога станува збор за стратешките интереси на Израел.

Салман, исто така, бил советуван да ја неутрализира и Турција „со сите можни начини“, вклучувајќи и подмитување на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган со понуда да биде купено турско оружје и принцот да даде изјава дека се подобруваат односите меѓу Ријад и Анкара. Неодамна, Салман изјави дека убиството на Кашоги се користи како алат за раздор меѓу Саудиска Арабија и Турција. Тој нагласи дека тоа нема да се случи „додека тој постои“.

Некои од препораките на работната група му биле откриени на блискиот пријател на бин Салман, Турки Алдахил, главен директор на ТВ каналот Ал Арабија. Тој открил повеќе од 30 можни контрамерки кои Ријад е подготвен да ги преземе, ако Вашингтон воведе санкции спрема Саудиска Арабија.

Оружје од Кина или од Русија

Меѓу нив се „цената на нафтата да се зголеми за два или три пати, понуда за Русија да отвори бази на северот од Саудиска Арабија, како и понуда Русија и Кина да станат главни снабдувачи со оружје“. Алдахил, подоцна рекол дека тоа биле „само негови идеи“, но во првиот напис на порталот Ал Арабија ги цитира изворите „блиски до тесното опкружување на Кралството“. Тоа е, како што открива МЕЕ, всушност работната група чија задача е менаџирање на кризната ситуација.

Но, да се вратиме на цврстите врски помеѓу Саудиска Арабија и Израел, кои се засновани на заедничката омраза спрема Иран, пишува Херст, а Салман се смета за клучен „трговец“ во планот „мировниот договор на векот помеѓу Израел и Палестина“ на Трамп, да им се прадеде на регионалните лидери. Претходно, Нетанјаху за Би-Би-Си изјави дека Израел и „некои арапски нации“ минуваат низ процес на „подземна нормализација“.

И додека убиството на Кашоги го осуду целиот свет и светските лидери, Нетанјаху претходно по тој повод изјави: „Многу е важно за стабилноста на регионот и на светот, Саудиска Арабија да остане стабилна“.

Херст натаму пишува и за други мерки кои работната група ги предложила за да му покаже на Трамп дека не зависи од сојузништвото со САД, вклучувајќи и покана за рускиот претседател Владимир Путин да го посети Ријад. Путин, наводно, радо би прифатил таква покана.