-Во вториот дел од разговорот со српскиот психолог и психотерапевт и коосновач на институот Beautiful Minds, Јелена Станивуковиќ, се фокусираме на динамиката во партнерските односи, бракот и предизвиците на модерното, дигитално живеење. Станивуковиќ, која е автор на популарниот концепт „Партнерологија“, објаснува како мажите и жените различно реагираат во конфликт и зошто здравото семејство не бара партнерите да бидат исти, туку да ја разберат меѓусебната емоционална различност. Таа отворено зборува за штетноста од модерното „лепење дијагнози“ на социјалните мрежи и испраќа сериозно предупредување до сите загрижени поединци да не бараат спасоносни решенија од алгоритмите на вештачката интелигенција. Низ пораката дека „љубовта е важен столб, но не смее да биде целата куќа“, таа нè учи како да изградиме сопствена стабилност и здрави граници.
Во продолжение стручните совети за разликите во машкиот и женскиот ум при стрес, изговорот „таков сум“ во бракот и сериозните опасности од инстант дијагнозите и AI-терапевтите.

Машка и женска психологија во партнерството и семејството

Дали навистина постојат драстични разлики во машкиот и женскиот ум кога станува збор за емоциите и стресот? Како овие две различни природи да изградат функционален брак и семејство?

-Постојат одредени разлики во начинот на кој мажите и жените најчесто ги доживуваат, обработуваат и изразуваат емоциите, но мора да бидеме внимателни од тоа да не направиме строга поделба по пол. Не е секој маж емоционално затворен, ниту пак секоја жена е емоционално експресивна. Честопати разликите се помалку биолошки, а повеќе научени, социјализациски и индивидуални, отколку строго полно дефинирани.

Девојчињата уште од мали почесто се охрабруваат да зборуваат за чувствата, односите и блискоста, додека момчињата почесто се учат да бидат силни, рационални и да не покажуваат ранливост. Исто така, жените историски и културно биле повеќе насочувани кон партнерскиот однос, семејството и меѓучовечката динамика, додека мажите почесто биле насочувани кон постигнувањата, работата и обезбедувањето материјални ресурси. Поради ова, често се случува жените порано да го забележат проблемот во односот и да имаат поголема потреба да разговараат за него, додека мажите почесто се обидуваат да ја намалат тензијата со повлекување, молчење или фокусирање на практични решенија. Секако, ова не се правила за сите луѓе, туку обрасци кои често ги гледаме во пракса.

Во еден партнерски однос тоа може да изгледа вака: едната личност сака разговор веднаш, другата се повлекува. Едната сака да „расчисти“, другата сака мир. Едната го доживува повлекувањето како студенило, другата го доживува разговорот како напад. Тогаш проблемот веќе не се наоѓа само во темата околу која парот се кара, туку и во различните начини на кои се обидуваат да се справат со стресот.

Функционалниот брак не бара партнерите да бидат исти, туку да научат да ги разбираат разликите во доживувањето, обработката и изразувањето на емоциите. Ниту еден стил што е поинаков од нашиот не е доказ дека партнерот не нè сака, не нè почитува или не нè разбира. Некогаш личноста која се повлекува не бега од односот, туку се обидува да се смири. Некогаш личноста која сака разговор веднаш не напаѓа, туку се обидува повторно да воспостави чувство на сигурност и блискост.

Зрелостa во односот почнува тогаш кога ќе престанеме различноста на партнерот автоматски да ја преведуваме како отфрлање. Наместо да мислиме: „Да ме сакаше, ќе разговараше веднаш“, или: „Да ме почитуваше, немаше толку да инсистира“, важно е да се запрашаме: „Како мојот партнер го обработува стресот? Што се случува во него за време на конфликт? Што му помага нему да се смири, а што ми помага мене да се чувствувам сигурно?“ Кога парот ќе научи да ги препознава овие разлики, конфликтот престанува да биде борба за докажување кој е во право, а станува простор во кој двајца луѓе учат како да останат поврзани и тогаш кога не реагираат исто.

Како машкиот, а како женскиот ум реагира во конфликт? Како да ги усогласиме различните начини на комуникација за да не завршиме во деструктивни кавги?

Не постои еден типично машки и еден типично женски начин на реагирање во конфликт. Многу покорисно е да зборуваме за обрасци на регулација на блискоста и стресот. Некои луѓе во конфликт го зголемуваат притисокот: сакаат веднаш да разговараат, поставуваат многу прашања, бараат потврда, објаснување и сигурност. Некои се повлекуваат: молчат, си заминуваат, ја менуваат темата или велат: „Не можам сега“. А постојат и парови каде и двајцата го засилуваат конфликтот, па кавгата брзо ескалира, како и парови во кои и двајцата се повлекуваат, па проблемот никогаш навистина не се отвора.

Проблемот настанува тогаш кога двајцата партнери однесувањето на оној другиот го толкуваат како доказ за непочитување, напад или отфрлање. Личноста која инсистира на разговор честопати не сака кавга, туку се обидува да ја намали несигурноста. Личноста која се повлекува често не сака да го казни партнерот, туку се обидува да се смири и да избегне дополнителна ескалација. А кога двајцата се борат за сигурност на незрел начин — едниот преку притисок, другиот преку дистанца — односот влегува во маѓепсан круг.

Затоа е важно парот да не прави договор среде кавга, туку пред конфликтот. Ако некој е преплавен со емоции, може да побара пауза, но мора да каже кога разговорот ќе продолжи. Не е исто да се каже: „Не сакам да зборувам“ и „Ми требаат 30 минути да се смирам, па се враќам на разговорот“. Исто така, не е добро да се инсистира на разговор додека другата личност веќе нема капацитет да слуша. Паузата без враќање делува како отфрлање, но разговорот без пауза често прераснува во напад.

Целта е партнерите да научат да го препознаат својот образец, да знаат: „Јас кога ќе се уплашам, го зголемувам притисокот“ или „Јас кога сум преплавен/а, се повлекувам“. Дури тогаш конфликтот престанува да биде автоматска реакција и станува разговор во кој двајца луѓе се обидуваат да останат поврзани и тогаш кога не се согласуваат.

Го препорачувате „правилото од 90 секунди“ за смирување на лутината. Како практично да се примени ова правило во секојдневието кога сме преплавени со обврски и стрес?

-Правилото од 90 секунди не значи дека секоја емоција ќе исчезне за минута и половина. Тоа значи дека првиот физиолошки бран на емоцијата, доколку дополнително не го храниме со мисли, може релативно брзо да ослабне. Проблемот е што ние тој бран го продолжуваме со речениците што ги вртиме во главата: „Како смее така?“, „Секогаш истото го прави“, „Не ме почитува“, „Сега ќе му/ѝ покажам“.

Практичната примена почнува многу едноставно: да не одговараме веднаш. Да не испраќаме порака додека сме во афект, да не носиме одлука додека телото ни „гори“. Треба да застанеме, да вдишиме, да ги почувствуваме стапалата на подот, да го спуштеме тонот на гласот, да се напиеме вода или накратко да излеземе од просторијата доколку е потребно.

Најважно е да се направи простор помеѓу импулсот и реакцијата. Тоа не е потиснување на емоцијата, туку одговорно управување со неа.

Како пасивната агресија или премолчените конфликти меѓу сопружниците влијаат врз децата, дури и кога пред нив упорно се одржува илузија на мир?

Децата чувствуваат многу повеќе отколку што мислат родителите. Тоа што родителите не се караат гласно, не значи дека детето не ја чувствува напнатоста. Тоа ги гледа погледите, тишината, студенилото, сарказмот, отсуството на допир, начинот на кој едниот родител излегува од просторијата кога другиот ќе влезе. Децата не мора да го разберат проблемот за да ја почувствуваат атмосферата.

Пасивната агресија е особено збунувачка за детето бидејќи однадвор делува како мир, а одвнатре носи непријателство. Детето гледа дека „никој не вика“, но чувствува дека нешто не е во ред, и тогаш често почина да се сомнева во сопствената перцепција. Учи дека за проблемите не се зборува директно, дека лутината се крие, дека блискоста се глуми, а незадоволството се казнува со молчење.

За да им се обезбеди на децата безбедна средина за оптимален развој, не значи дека е неопходно тие да растат во дом без никаков конфликт. Многу поважно е да растат во дом во кој конфликтот се решава на конструктивен начин — без страв, понижување и манипулација.

Го критикувате изговорот „Таков сум / Таква сум“ како одлика на емоционална незрелост. Како во едно семејство да се скрши овој штит на лажна автентичност и партнерот да се поттикне на промена на однесувањето?

-Реченицата „таков или таква сум“ често се користи како штит од одговорноста. Секако дека сите имаме темперамент, навики, рани, обрасци и историја, но тоа не значи дека секое наше однесување треба да биде прифатено како непроменлива вистина. Автентичноста не значи: „Јас правам што сакам, а ти прифати ме“, туку значи: „Разбирам кој сум, но разбирам и како моето однесување влијае врз луѓето кои ги сакам“.

Во семејството е важно да се престане со напад врз карактерот, бидејќи тоа обично предизвикува одбрана. Наместо „ти си себичен“, покорисно е да се каже: „Кога си одиш без договор и ме оставаш сама со сите обврски, јас се чувствувам неважно и преоптоварено. Потребно ми е да се договараме“.

Но, не можеме да натераме возрасна личност да се промени ако таа самата не гледа причина за промена. Можеме јасно да кажеме што ни пречи, што ни е потребно и кои се последиците ако ништо не се промени. Промената не се поттикнува со бесконечно објаснување и трпење, туку со јасни граници.

Социјални мрежи и илузии на модерното време

Денес на социјалните мрежи масовно се лепат дијагнози како „нарцис“ или „психопат“ за секое лошо однесување во врската. Колкава е штетата од ваквата банализација на психологијата?

-Штетата е голема, бидејќи сериозни клинички поими се претвораат во етикети за луѓето кои нè повредиле или разочарале. Денес, речиси секој кој бил себичен е „нарцис“, секој кој излажал е „психопат“, секој кој се повлекол е „емоционално недостапен манипулатор“. Секако, постојат навистина токсични, манипулативни и насилни односи. Но, не е секое лошо однесување, или однесување кое нам не ни одговара, веднаш дијагноза.

Проблемот со етикетите е што тие често служат како изговор за отфрлање на сопствената одговорност. Кога некого ќе го наречеме нарцис, повеќе не мора да анализираме што навистина се случило, каде биле нашите граници, зошто нешто сме толерирале и што треба да научиме од тоа. Етикетата дава краткотрајно олеснување бидејќи светот станува едноставен: јас сум жртва, другата личност е нарушена. Но, емоционалниот живот е најчесто многу посложен од тоа.

Зошто испраќате остро предупредување да не се користи вештачката интелигенција (AI) како замена за психотерапевт? Кој е најголемиот ризик во тоа?

-Вештачката интелигенција може да биде многу корисна како помошна алатка, но важно е да знаеме за што ја користиме и како е направена таа алатка. Постои голема разлика помеѓу општ AI чет (разговор), кој не е специјализиран за психолошка помош, и структурирана дигитална алатка која е осмислена така што ја води личноста низ одреден, стручно втемелен процес на емоционална регулација.

Вештачката интелигенција може да помогне во едукацијата, организацијата на мислите, водењето дневник, препознавањето на емоциите, потсетувањето на техники за дишење или во тоа личноста да го направи првиот чекор кон разбирање на она што го чувствува. Токму во тој правец ја гледам иднината на дигиталните алатки за ментално здравје: не како замена за психотерапевт, туку како достапна поддршка помеѓу тераписките средби или како прво ниво на помош за луѓето кои сакаат да научат како подобро да ги разберат и регулираат своите емоции.

Меѓутоа, проблемот настанува кога луѓето користат неструктуриран AI како да разговараат со терапевт. Таквиот AI може да звучи многу уверливо, но може да погреши, да халуцинира, погрешно да го разбере контекстот или да превиди сериозен ризик. Уште еден важен проблем е што вештачката интелигенција често му повладува на корисникот. Наместо благо, но стручно да го соочи со ирационалните уверувања, избегнувањето, проекциите или штетните обрасци, може само да му го потврди она што тој веќе го мисли и чувствува. А тоа во психолошка смисла некогаш не помага, туку го продлабочува проблемот.

Психотерапијата не е само давање совети — таа е однос, процес, процена, следење, одговорност и работа со целиот контекст на личноста. Терапевтот не ги слуша само зборовите, туку ги следи и емоциите, невербалните сигнали, ризиците, обрасците, историјата на односите и сериозноста на симптомите. Се вели дека во психотерапијата односот лекува, а не методот. Затоа вештачката интелигенција не смее да биде замена за психотерапија, особено кога постојат сериозна депресија, траума, насилство, самоповредување, суицидални мисли, дисоцијација, психотични симптоми или длабоко страдање.

Вие велите дека не треба да очекуваме еден партнер да ни ги пополни сите празнини во животот. Како да ги изградиме и сочуваме тие „столбови на потпора“ — пријателите, роднините — во ова прилично отуѓено време?

-Столбовите на потпора не се чуваат спонтано, туку намерно. Тоа значи дека блискоста не можеме да ја одржуваме само со лајкување фотографии или со повремени пораки од типот „мора да се видиме“. Потребно е навистина да вложуваме во односите: да ги бараме луѓето, да ги прашуваме како се, да се гледаме и тогаш кога немаме посебен повод, да се појавиме кога им е тешко и да не чекаме секогаш некој друг прв да иницира контакт.

Важно е и да не ги запоставиме сите други односи штом ќе влеземе во партнерска врска. Многу луѓе, особено на почетокот на врската, несвесно прават мал, затворен систем во кој партнерот станува единствен извор на блискост, забава, поддршка и смисла. Тоа може да делува романтично, но со текот на времето станува преголем товар за односот. Здравиот партнерски однос не треба да нè отсече од светот, туку да ни даде сигурност од која ќе можеме да останеме поврзани и со другите луѓе.

Практично, тоа значи дека треба да имаме свои луѓе, свои ритуали и свои простори надвор од врската: пријатели со кои одиме на кафе, брат или сестра на кои редовно им се јавуваме, колеги со кои можеме да разговараме, заедница на која ѝ припаѓаме, интересирања кои нè враќаат кон себе. И тоа не сугерира дека партнерот не ни е доволен, туку дека еден човек не треба да го носи целиот наш емоционален живот.

Затоа е корисно повремено да се запрашаме: кому му се јавувам кога ми е тешко, а тоа да не е само партнерот? Кого запоставив? Кои се луѓето покрај кои се чувствувам виден/а, смирен/а, поддржан/а? Блискоста се гради со мали, повторувани вложувања. Љубовта е навистина важен столб, но не би требало да биде целата куќа.

МИА

фото: скриншот и приватна архива на Станивуковиќ