Скандалозни тврдења содржи српската објава за литературен и ликовен конкурс, го пренесоа пред неколку дена бугарските медиуми соопштението од канцеларијата на европски пратеници на ГЕРБ.

Техничкото училиште „Никола Тесла“ и црковната општина во српскиот град Сурдулица објавиле конкурс под наслов „Татковината и слободата – минато, сегашност и иднина“ кој се однесува на основните и средните училишта во Република Србија, Република Српска и дијаспората за одбележување на една година од појавувањето на Светите сурдулички маченици и пренесувањето на нивните мошти во Спомен костурницата во Сурдулица. Како што пишува во конкурсот, „Светите сурдулички маченици пострадале како резултат на бугарски злосторства во Првата светска војна на просторот на југоисточна Србија, Вардарска Србија и Косово“.

Покана за учество на конкурсот испратена е до различни српски училишта, пишуваат бугарските медиуми. Истите медиуми пишуваат и дека во конкурсот се споменува Вардарска Србија која никогаш не постоела, но тоа што пред се ги револтира бугарските европратеници е дека во објавата на конкурсот се содржани и други „манипулации со настаните од Првата светска војна“.

Европратеникот Андреј Ковачев пронајде и говор на омраза против Бугарија: Основната идеја на Европската унија е да го надминеме тоа што не разделува, дискриминацијата, говорот на омраза, што им успеа на државите од западна Европа. За жал, смета Ковачев, во Републчика Србија инерцијата од минатото се уште не е заборавена. Тоа што во моментов се прави во Сурдулица, истакнал Ковачев, е исклучително лош обид – да се објавуваат конкурси во училиштата за тоа колку лоши биле „бугарските злосторници“ и што тие направиле. Категорично протестирам против обидот одново да биде исползуван таквиот говор на омраза против Бугарија со цел да се манипулира историјата, истакнал Ковачев. Да не зборуваме дека во конкурсот е зборува за некаква област Вардарска Србија, имајќи ја предвид Македонија. Тоа е не само носталгија за минатите времиња, туку и извртување на историјата. Доста беше тоа што Македонија во текот на неколку десетлетија беше подложена на српска окупација, додал Ковачев.