Рекордни 4,55 промили алкохол вчера му биле измерени во крвта на возач, кој бил запрен од сообраќајната полиција во Македонија.

Ова дефинитивно е македонски рекорд во измерени промили на алкохол во крвта бидејќи според досегашните сознанија, најголемото количество алкохол во крвта кај учесник во сообраќајот измерено со дрегер изнесувало 4,26 промили, на 11 октомври 2021 година.

-Во текот на изминатата вечер (19/20.08.2023) во периодот од 23.00 до 05.00 часот на подрачјето на СВР Битола спроведена е засилена акциска контрола за санкционирање на возачи кои управуваат возило под дејство на алкохол. При контролата санкционирани се 58 возачи од кои 29 во Прилеп, 13 во Битола, 6 во Крушево, 5 во Македонски Брод, 3 во Ресен и 2 во Демир Хисар. Во Прилеп е санкциониран и возач кај кого се измерени 4,55 промили алкохол. За време на контролата биле санкционирани и 42 други видови прекршоци. Акциските контроли продолжуваат и во наредните денови. Апелираме до граѓаните да ги почитуваат сообраќајните правила и сите да придонесеме за безбедност во сообраќајот, информираат од МВР.

Инаку, не е дозволено повеќе од 0,5 промили алкохол во крвта бидејќи првите пречки при управување на возилото се јавуваат на 0,8 промили алкохол.

Лекарските и медицински факти околу присуството на алкохол во крвта велат дека со 2,5 промили алкохол во крвта веќе се јавуваат сериозни пречки на сите ментални и физички функции. Се зголемува и ризикот од задушување при повраќање, како и од повреди при паѓање или друг вид на несреќа.

Со 3 промили во крвта можно е да дојде до ненадејно губење на свеста и тешко будење и освестување од таквата состојба.

3,5 промили веќе претставуваат сериозен проблем и може да доведат до појава на кома. Ова количество алкохол по својата јачина е еднакво како и јачината на една анестезија при хируршка интервенција.

Четири и повеќе промили алкохол предизвикуваат состојба на кома, а многу веројатно и смрт пред се заради престанок на дишење, многу нискиот крвен притисок и задушување при повраќање.

Во сообраќајот, не е доблест да го загрозиш сопствениот живот и животот на останатите недолжни учесници за да покажеш нешто што дефинитивно не е вредно- затоа ВОЗЕТЕ ВНИМАТЕЛНО!