РС Македонија е една од ретките земји во регионот на Југоисточна Европа што направи прогрес во борбата против корупција во 2019 година, во споредба со 2016-та, изјави денеска директорот на Економската програма на Центарот за студии на демократија/СЕЛДИ, Руслан Стефанов.

– За жал морам да кажам дека четири од шесте земји (во регионот) сепак немаат прогрес, односно дури се и уназадени на ова поле во споредба со резултатите до 2016 година, нагласи Стефанов во изјава пред почетокот на Регионалниот антикорупциски форум на СЕЛДИ што се одржува денеска во Скопје и на кој ќе бидат презентирани резултатите во борбата против корупција за 2019 година во шесте земји од Западниот Балкан.

Тој потенцира дека просекот од притисокот на корупцијата во земјите од Западниот Балкан на генерално ниво е двојно поголем во споредба со другите региони и е двапати поголем отколку во 2004, 2007 и 2013 година.

– Секако дека останува да се направи многу работа во рамките на Европа и со помош на Владата на САД за да се бориме против корупцијата во регионот, како и против заробеноста на државите. Се надевам Самитот кој очекуваме да се случи во мај во Загреб, ќе ни донесе многу подобри вести, истакна Стефанов.