Стејт департментот ја повика Србија да работи со ОБСЕ и да одговори на тврдењата за изборни нерегуларности.

Мат Милер, портпарол на Стејт департментот, на брифинг за новинарите синоќа кажа дека извештаите на ОБСЕ и на останатите изборни набљудувачи посочуваат на нерегуларности во изборниот процес како насилство насочено кон изборните органи, новинарите и акредитираните набљудувачи, и дека тоа е „неприфатливо“.

– Сите тврдења за нерегуларности од страна на ОБСЕ и другите изборни набљудувачи треба да бидат истражени, рече Милер и додаде дека САД ги разгледуваат прелиминарните наоди на изборните набљудувачи на ОБСЕ.

– Тие истакнуваат дека изборите на 17 декември им понудиле на гласачите избор на политички алтернативи, но исто така укажуваат дека биле нарушени со бројни процедурални недостатоци, притисок врз државни службеници и злоупотреба на владини ресурси, и дека овие фактори, заедно со систематската предност на владејачката партија, создале нефер услови, рече Милер.