Министерот за политички систем и односи меѓу заедниците и вицепремиер во Владата на Македонија, Иван Стоилковиќ вчера информира дека за време на изминатиот викенд, преговарале со српската Влада за четири локомотиви кои во наредните 10-15 дена ќе се стават на располагање на Македонски железници.
Станува збор за локомотиви за товарен сообраќај.
-Кога немате локомотиви, не можете транспортот да го префрлите од Гевгелија од Табановце. Србите ќе добијат од Македонски железници стари вагони кои ќе ги репарираат. Најверојатно е бизнис-зделка. Мојата работа беше само да обезбедам политичка поддршка овие локомотиви што побрзо да се појават и да почнат да функционираат, рече Стоилковиќ во емисијата Вести плус.
Тој не сакаше да коментира околу најавата за престанок на изградбата на пругата кон Бугарија и пренасочување на парите кон обновување на пругата Гевгелија – Табановце.
Официјална Софија изрази зголемена доза на вознемиреност и посочи оти ги следи изјавите на официјални македонски политичари насочени кон кршење на меѓународните обврски на инфраструктурно поврзување, односно најавите дека Скопје ќе бара од Европската банка за обнова и развој да ги пренасочи европските пари за изградба на железничката компонента од Коридорот 8 за брза пруга на Коридорот 10.
Новиот директор во МЖ, Синиша Ивановски вчера соопшти дека пругата кон Бугарија се распаѓа и урива, а арматурата како да е направена од цевки за пиење сок и претставувала голем ризик за патниците.