Вицепремиерот и министер за односи меѓу заедниците, Иван Стоилковиќ објави на неговиот фејсбук профил дека, како што вели, пред веќе извесното заминување од функцијата остава „средено и организирано“ Министерство, со буџет намален за повеќе од три пати во споредба со 2021 година и целосно укината програмата К-5.

-Пред веќе извесното заминување од Министерството за односи меѓу заедниците, нека остане забележано дека од „сива зона” на системот денеска Министерствоте со нова систематизација средено и организирано го оставам на мојот наследник – напиша министерот во неговиот отчет на Фејсбук, наместо, како што вели прес-конференција.

Стоилковиќ наведува дека буџетот на Министерството е намален од 577,8 милиони денари во 2021 година на 173,5 милиони денари во 2026 година, притоа, како што тврди, без да бидат укинати програмските активности. Според него, со тоа е прекината праксата на ненаменско трошење на јавни средства.

Тој исто така истакнува дека е завршен процесот на прераспределба на административните службеници опфатени со програмата К-5, која, според него, претходно овозможувала исплата на плати на лица кои не оделе на работа.

-Ова значи кратење на средства кои претходно биле користени за т.н. „коруптивни” цели и дека повеќе нема трошење пари на граѓаните за фиктивни јавни набавки, на пример, за угостителски услуги, за консултантски услуги, сомнителни договори за дело, исплата на додатоци за плата и на К-15 на лица кои не одат на работа итн… – вели тој.

Стоилковиќ оценува дека новиот Закон за соодветна и правична застапеност, кој е во собраниска процедура, треба да обезбеди поголема професионалност, инклузивност и компетентност во јавната администрација.

-Така што во овој момент завршено е со пристапот „седи дома, земај плата” и рационализиран е бројот на вработените во МОЗ. Со новиот Закон за соодветна и правична застапеност којшто е во собраниска процедура, ќе се обезбеди почитување на принципот на правична застапеност како основа за инклузивност и еднакви можности во јавниот сектор и гарантирање на стручност, компетентност и квалитет при вработувањето. Ова е од клучно значење за градењето на професионална јавна администрација, која треба да биде двигател на општествениот развој и поддржувач на реформските процеси во земјата – вели Стоилковиќ во објавата.

Од ВРЕДИ најавија дека во рамки на разговорите за реконструкција на Владата, тие треба да добијат шест министерства, меѓу кои и Министерството за односи меѓу заедниците.

Фото: Архива