Додека Дарко Каевски држеше прес конференција пред седиштето на ВМРО-ДПМНЕ за случајот „Титаник“ и бараше итно повлекување од политиката на врвот на ВМРО-ДПМНЕ, се појави Наум Стоилковски, портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ и му постави неколку прашања, кои Каевски ги игнорираше и си го дочита текстот наменет за прес конференцијата.

„Кај ти е Зоран Заев, кај ти е Венко Филипче, кај ти е Ден Дончев бе братче?… Кажи како направи четири милиони и дали ти се во една или повеќе банки. Да, да, брза и ефикасна истрага како Дарко Каевски на 30 години има 4 милиони во банка“, му рече Стоилковски.

Потоа, со соопштение реагираше и опозиционата партија:

Ја разбираме нервозата во СДСМ поради слабиот рејтинг и поради тоа што многу брзо ќе треба да се соочат со одговорност за криминалот кој го прават сложно со ДУИ.

Обвинувањата на СДСМ доаѓаат од партијата чиј што долгогодишен лидер, а сега претседател во сенка Зоран Заев е аболиран за криминал кој неговиот пиун Ковачевски здушно го брани. Но кога веќе покажуваат јавен интерес да говорат за криминал, јавно прашуваме како младиот пратеник и поранешен директор на АМС Дарко Каевски со државна плата за една година се стекнал со имот од три стана и куќа. Како во последната година го зголемил својот недвижен имот за скоро 170 метри квадратни станбена површина? Како Каевски е единствениот триесетгодишник кој на сметка има 4 милиони денари, а не е иноватор или ИТ инженер, од каде му се парите? СДСМ да престане да го користи обвинителството и судството како своја општинска организација?