Верувам, се залагам, сакам разочараните и оние кои што мислат дека нема надеж за Македонија, сакам да им ја влеам таа надеж дека има иднина подобра за државата и дека работите можат да тргнат на добро, истакна пратеничката Дафина Стојаноска во утринската емисија на Канал 5 телевизија.

-Настојувам со мојот начин на функционирање да ги разубедам луѓето и да им покажам дека не е стереотип да си политичар. Еве иако припаѓам на најголемата опозициска партија сепак се борам да имам свој став и сум се изборила, рече таа.

Стојаноска додаде дека граѓаните треба да останат во Македонија и да се борат за подобра иднина на државата.

-Јас мојата борба ја гледам како борба на поединец иако сум претставничка на политичка партија, но мојот став е дека верувам дека работите можат, мораат и треба да се променат на подобро. И затоа велам ако е извесно дека ВМРО-ДПМНЕ би победило на следните избори, нас ќе не чека најтешката задача веднаш после победата. По изборите се што ќе имаме ветено ќе треба на дело да го покажеме. Затоа што ќе дочекаме распадната држава по многу нешта и по вертикала и по хоризонтала. Но, ако се почне мислам дека тоа ќе може некој да го почувствува, да го види, појасни Стојаноска.

Таа посочи дека ВМРО-ДПМНЕ по изборите ќе се залага и ќе направи се за да граѓаните имаат подобар живот во Македонија.