Сите Македонци во Бугарија – да го оставиме времето на стравот во минатото и храбро да се избориме за нашите права и достоинство, претедателот на здружението ОМО Илинден Пирин, Стојко Стојков од собирот пред споменикот на Јане Сандански во градот Мелник во Бугарија.

– Македонците во Бугарија не се опасност за никого, напротив, придонесуваме за економски, културен и социјален просперитет на државата и како достојни граѓани инсистираме да се почитува нашето достоинство како луѓе, како Македонци и граѓани, порача Стојков.

Денеска се навршуваат 108 години од смртта на убиството на овој македонски револуционер и деец. На средбата дојдоа повеќе македонски организации од Бугарија, но и од Македонија и од соседна Албанија.

Стојков повика во овој историски момент Македонците ширум светот да се кренат во активна борба за одбрана на македонскиот идентитет.

Истовремено Стојков побара македонската држава и македонските политичари да почнат активно да се грижат за македонското малцинство во Бугарија и да го штитат македонскиот идентитет, историја и култура.

Стојков порача дека Македонците протестираат поради тоа што Бугарија ги негира македонската нација, идентитет, јазик, историја и култура и пробува да ги присвои, но и поради дејствијата на бугарските институции против македонските културни клубови во Бугарија.

– Јасно бараме бугарската држава да ги почитува правото, науката и вистината и да ја прифати реалноста на македонската нација, малцинство, јазик, историја и идентитет и да стави крај на политиката на присвојување, асимилација и дискриминација кон македонската нација во принцип и кон македонското малцинство на својата територија, рече Стојков.

Освен ОМО Илинден Пирин, на собирот пред споменикот на Јане Сандански беа неколку здруженија на Македонците во Бугарија како и здруженија од Македонија меѓу кои НовАсном, а и делегација на единствената македонска партија во Албанија, Македонска алијанса за европска интеграција, МАЕИ, предводена од лидерот Васил Стерјовски.
Можеби ќе ве интересира.

Извор: Плусинфо