Кога застанав на чело на НАТО очекував негово зајакнување со прием на нови членки како Северна Македонија и Црна Гора, но не ни помислував за членство на Финска или Шведска, изјави денеска генералниот секретар на Алијансата, Јенс Столтенберг на заедничката прес-конференција со шведскиот премиер Улф Кристершон пред церемонијата на подигање на знамето на Шведска пред седиштето на Пактот во Брисел, како негова најнова 32 членка.
– Денеска е историски ден. Шведска го зазеде своето заслужено место на масата на НАТО, под заштита на плаштот на Член 5, како крајна гаранција за нашата слобода и безбедност. Сите за еден и еден за сите, потенцира Столтенберг.
Според него, приемот на Шведска во НАТО е добро за неа, за стабилноста на Северот на Европа и за безбедноста на целата Алијансата, со што сега земјата од партнер станува сојузник со сите придобивки и одговорности што ги носи членството.
– Како одговор на руската агресивна војна против Украина, НАТО значително го зголеми нашето присуство низ Алијансата, а членството на Шведска придонесува за негово дополнително зајакнување, додаде Столтенберг.
Шведскиот премиер Кристершон, од своја страна, истакна дека со зачленувањето во НАТО Шведска „си дојде дома“ и ќе стои цврсто со останатите сојузници во одбраната на демократијата и слободата.
Тој нагласи дека со приемот во НАТО, Шведска не само што ќе ја зајакне својата безбедност, туку ќе придонесе и за нејзино зголемување, потенцирајќи дека земјата уште од сега го исполнува условот за одвојување на најмалку два отсто од својот БДП за потребите за одбраната.
Кристершон им се заблагодари на сите членки за НАТО за поддршката на приемот на Шведска во Алијансата, потенцирајќи дека членство во еден воен сојуз по повеќе од 200 години неутралност ја прави земјата горда.
Како доказ за големата поддршка во Шведска за нејзиното членство НАТО, Кристершон го посочи фактот што во делегацијата за денешното подигнување на шведското знаме пред седиштето на Алијансата, не се присутни само владини министри и претставници на армијата, туку и престолонаследничката, принцезата Викторија и лидерите на сите парламентарни партии.
– Единството и солидарноста ќе бидат ѕвезда водилка на Шведска како членка на НАТО. Ние ќе ги споделуваме трошоците, одговорноста и ризиците со нашите сојузници. Безбедносната состојба во нашиот регион не била толку сериозна од Втората светска војна и Русија ќе преставува закана за евроатлантската безбедност во догледна иднина, нагласи Кристершон.
Говорејќи за состојбата во Украина, Столтенберг потенцира дека кога рускиот претседател Владимир Путин ја започна инвазијата врз земјата, сакаше послаб НАТО и поголема контрола врз своите соседи, но наместо тоа Алијансата сега е поголема и посилна.
– Украина е поблиску до членство во НАТО од кога било досега и додека храбрите Украинци продолжуваат да се борат за својата слобода, ние стоиме на нивна страна, изјави Столтенберг, додавајќи дека повеќе не е прашање дали, туку кога Украина ќе стане членка на Алијансата.
Тој потенцирајќи дека вратите на НАТО остануваат отворени за прием на нејзините сегашни партнери, нагласувајќи дека не е Русија таа што ќе решава која земја ќе стане членка на Алијансата.
Столтенберг истакна и дека НАТО ќе продолжи да одвојува милијарди долари нова помош за Украина, вклучувајќи муниција, противвоздушна одбрана и борбени чамци, бидејќи таа поддршка спасува животи и затоа мора да продолжи.
– Претседателот Путин ја започна оваа војна и може да ја заврши денес, но Украина ја нема таа опција. Предавањето не е мир. Мора да продолжиме да ја зајакнуваме Украина за да му покажеме на претседателот Путин дека нема да го добие она што го сака на бојното поле, туку мора да седне и да преговара за решение каде Украина ќе биде призната и ќе преовладува како суверена независна нација, заклучи Столтенберг.