Досега не видовме вистинска волја од страна на рускиот претседател Владимир Путин да преговара за прифатливо решение за Украина, изјави генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг пред денешната средба со европските министри за одбрана во Брисел.

Според него, потребно е Путин да се убеди себеси дека нема да победи на бојното поле.

– Веројатноста за постигнување прифатлив и преговарачки исход се зголемува со обезбедувањето поголема воена поддршка за Украина. Војните се непредвидливи, никој не може да каже кога и како ќе заврши оваа војна, рече Столтенберг.

Тој додаде дека „самата Украина оценува кои се прифатливите услови за почеток на преговори и постигнување договор“.

„Во наш интерес е да ја поддржиме Украина, не можеме да дозволиме Путин да победи“, рече Столтенберг.

Тој посочи дека засега продолжуваат тешките борби и состојбата на бојното поле е тешка.

Столтенберг најави дека ќе разговара со европските министри за прашањето за заштита на критичната подводна инфраструктура на Европа. Тој прецизираше дека по оштетувањето на гасоводот „Северен поток“ и на балтичкиот гасовод, НАТО воведува дополнителни патроли во Северното Море и во регионот на Балтичкото Море.

Фото: МИА архива