Осудениот Митко Пешов за случајот „27 април“, за кого Европскиот суд пресуди дека незаконски бил држен зад решетки во притвор, ја поздрави одлуката. Според него, ова е пресуда која докажува дека 16 осуденици од овој предмет, кои добија вкупно 188 години затвор и се уште ги отслужуваат, немале право на фер судење.

„Правдата е спора но е достижна, Судот во Стразбур утврди повреда на правата при определување на притвор од страна на домашните судови. Она што ние го зборуваме повеќе од 6 години, дека ние немавме ОСНОВНА фер судска постапка од почеток до денес го потврди и оваа пресуда која е уште една во низата пресуди кои стигнаа изминатите месеци во наша корист. Оваа пресуда е доказ за тоа дека ние немавме фер, објективно и непристрасно судење.
Јас сум убеден дека сите оние кои учествуваа во монтирањето на овој процес ќе одговараат пред лицето на правдата. Денот доаѓа!“, напиша Пешов.