Бројот на повреди на очите за кои се претпоставува дека се предизвикани од фрлачите на гумени топки за одбрана (ЛБД), масовно користени од француските сили на редот, нагло се зголеми од кризата со „жолтите елеци“, ова според студијата спроведена меѓу француските универзитетски болници и објавена во британскиот медицински журнал „Лансет“, јавува дописникот на МИА.

Авторите на студијата наловена „Повреди на очите предизвикани од несмртоносно оружје во Франција“ направија  „ретроспективно истражување“ во сите француски болници, каде што се лекуваат најсериозно погодените пациенти, за да се идентификуваат сомнителни случаи на повреди на очите со ЛБД во текот на периодот од февруари 2016 година до август 2019 година.

Француски автори на студијата, доктори и истражувачи, посочуваат дека законодавството не предвидува систематско собирање на податоци за повредите предизвикани од овие оружја, кои се користат особено за одржување на редот.

Во 2016 година пријавени се два случаи, еден во 2017 година, но дури 25 во 2018 година – година почетокот на кризата со „жолтите елеци“ – и 15 случаи во студискиот период 2019. Од вкупно 43 испитани случаи, 20 биле третирани во болниците на Париз, чиј шеф Мартин Хирш преку својот твитер ја пренесе статијата на „Лансет“, која ја нарече „прв биланс објавен во научно списание“.

Просечната возраст на жртвите е 26 години од кои 38 се мажи и пет жени. 

Дваесет и пет пациенти имале отворени рани на очното јаболко и 18 други трауми, вклучувајќи ја и мрежницата (10 случаи). Постојат 25 случаи на орбитални фрактури, 12 на скршеници на лицето и два на оштетување на мозокот. Триесет од 43 пациенти требаше да бидат оперирани ендаш или повеќе пати. Од нив, девет го загубиле видот.

Од почетокот на движењето на „жолтите елеци“, избувна полемика за методите на интервенција и насилството   на полицијата. Од 17 ноември 2018 година, повредени се 2.500 демонстранти и 1.800 припадници на безбедносните сили, соопшти Министерството за внатрешни работи.

Франција поради бруталноста на полицијата беше критикувана од Европскиот парламент, Комесарот за човекови права на Советот на Европа и ООН, но сите овие критики Париз ги отфрли.