Актерката Силвија Стојановска и нејзиниот партнер Воислав Будисављевиќ, обвинети за производство и пуштање во промет наркотични дроги, денеска седнаа на обвинителната клупа на Кривичниот суд во Скопје.

Во судот беше прочитано обвинението против Стојановска и Будисављевиќ кои се обвинети за транспорт на 700 килограми кокаин од Колумбија во Шпанија. На денешното рочиште одбраната ги изнесе воведните зборови пред судот, а следното е закажано за 7 септември.

Според обвинението, Стојановска и Будисављевиќ организирале транспорт на 700 килограми кокаин од Колумбија во Шпанија.

– Во текот на истрагата Обвинителството утврди дека во периодот од јули 2019 година до 18.12.2019 година обвинетите, заедно со тројцата обвинети во Шпанија, од кои едниот е македонски државјанин, брат на првообвинетиот, како и повеќе лица, учествувале во неовластено купување, пренесување и продавање кокаин во вкупна количина од 698 758 1 грама. Обвинетите подготвувале и организирале неовластено купување, превезување и сместување на кокаинот од Колумбија до Мадрид, и барале купувачи, се наведува во обвинението.

Од истрагата, Обвинителството утврдило дека обвинетите меѓусебно комуницирале со користење телефонски мобилни уреди и мобилни апликации со заштитени канали, а користеле и уред за детектирање евентуална полициска инсталација и дигитални преноси за примена на посебни истражни мерки.

Стојановска и Будисављевиќ беа приведени на крајот на декември минатата година.

Стојановска е неколку месеци во куќен притвор, а Будисављевиќ е во притвор.