Адвокатот на Бојан Јовановски, Сашо Дуковски на почетокот на денешното рочиште за случајот „Рекет“ рече дека неговиот клиент од здравствени причини не може да го следи судењето.

Дуковски го извести судот дека не е земена предвид наредбата на судијката Васка Николовска-Масевска да се изврши конзилиарен преглед врз Јовановски на Клиниката на гастроентерохепатологија.

– Во конкретниот случај бил прегледен само од дежурен лекар. Бојан Јовановски, не е во состојба да го прати судењето. Трпи огромни болки во пределот на абдоменот. Пред да биде донесен во суд примил огромен број на седативи, рече адвокатот Дуковски.

На дискусијата меѓу одбраната и судот се вклучи и обвинетиот Боки 13, кој истакна дека има болки во желудникот, односно дека не е во состојба да го прати рочиштето.

Судијката Николовска-Масевска, по оваа барање даде 30 минути пауза за Бојан Јовановски да биде прегледен од екипи на Брза помош.

По пауза од половина час и по одлуката на лекарскиот тим ќе се знае дали ќе продолжи рочиштето за „Рекет“.

Вчерашното рочиште за „Рекет“ не се одржа поради влошена здравствена состојба на првообвинетиот во случајот „Рекет”, Бојан Јовановски. Судењето за коруптивната афера ,,Рекет”, каде е обвинета и поранешната специјална јавна обвинитрелка Катица Јанева, е во фаза на презентирање на материјални докази од страна на обвинителството.