Сo нови сведоци на одбраната на Бојан Јовановски – Боки 13, денеска во Кривичниот суд продолжува судењето за случајот „Рекет“.

На вчерашното рочиште сведочеа модниот стилист Сергеј Варошлија, сопственичката на оптика Марија Јанковска и сопственикот на галерија Алекс Кртов, за тоа од каде и како се познаваат со обвинетиот Јовановски и за неговиот стил на живот.

Судењето за „Рекет“ се наоѓа во доказна постапка и го води судијката Васка Николовска-Масевска, а застапник на обвинението е Вилма Рускоска.

Вчера требаше да бидат сослушани уште тројца сведоци, но Владимир Тодоровиќ, Дејан Панделески и Јовче Ременски беа повлечени од одбраната, а сведокот Лидија Јаневска доставила медицинска документација дека е под стрес и не може да сведочи.

Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција во октомври лани поднесе обвинение против Бојан Јовановски, Катица Јанева и Зоран Милевски.

Првообвинетиот Јовановски се сомничи дека сторил кривично дело „перење пари и други приноси од казниво дело“ и за „примање награда за противзаконито влијание“. Второобвинетата Јанева се товари дека сторила кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“.

На првото рочиште за „Рекет“, што се одржа на 3-ти декември минатата година, третообвинетиот Зоран Милевски-Кичеец призна вина за делото „примање награда за противзаконито влијание“, по што беше осуден на три години затвор.