Во Кривичниот суд во Скопје продолжува судењето за предметот „Титаник 2“ на Специјалното јавно обвинителство, што се однесува на изборни нерегуларности на локалните избори во 2013 година.

Меѓу обвинетите е и поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков, кој се наоѓа во притвор во затворот „Шутка“, откако Судот му ореди 30-дневен притвор за случајот „Империја“.

Минатото рочиште беше одложено, а претседателот на судечкиот совет Огнен Ставрев и даде рок од три дена на одбраната да се изјасни дали некој од обвинетите ќе ги предложи за сведоци.

На почетокот на минатото рочиштето Ставрев ги извести присутните дека ги прифатил како сведоци Љупка Гугучевска, Адмир Шабани и Љубомир Атанасовски, и дека привремениот деловник го прифатил како материјален доказ.

Во „Титаник 2“ обвинети се лидерот на ДПА, Мендух Тачи, поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, како и поранешните членови на ДИК, Бедредин Ибраими, Анета Стефановска, Влатко Сајковски и Сашо Срцев.

Денеска во Кривичниот суд во Скопје продолжува и судењето за настаните во Собранието на 27 април минатата година.

Случајот се наоѓа во доказна постапка и изнесување на докази предложени од одбраната.

На минатото рочиште исказ прес судот даде обвинетиот Абдуљфета Алими, а беа сослушани и неколку сведоци, предложени од одбраната на обвинетата Елена Доцевска Божиновска.

Судскиот процес го води судијката Добрила Кацарска, а застапници на обвинението се Вилма Русковска и Ивана Трајчевска.

За случувањата во Собранието на 27 април 2017 година обвинети се вкупно 33 лица, од кои 31 лице за терористичко загрозување на уставниот поредок на државата и двајца за поттикнување. Претходно поради влошена здравствена состојба на обвинетиот Сашко Марковски постапката за него беше одвоена и треба да продолжи по еден месец.

Меѓу обвинетите се повеќе пратеници, вработени во МВР и собраниското обезбедување, уметници. Тие пред Судот кажаа дека го разбираат обвинението, но не се чувствуваат за виновни.

На обвинителната клупа се Љубен Арнаудов, Сашо Василевски, Крсто Мукоски, Љупчо Димовски, Јохан Тарчуловски, Митко Чавков, Митко Пешовски, Душко Лазаров, Горан Јошевски-Леви, Оливер Поповски, Оливер Радулов, Мунир Пепиќ, Абдуљфета Алими, Елена Доцевска-Божиновска, Иван Цветановски, Борис Дамовски, Богдан Илиевски-Бетмен, Владо Јовановски, Игор Дурловски, Стефан Младеновски, Михаил Младеновски, Захарие Симовски, Младен Додевски, Јане Ченто, Горанче Ангеловски, Игор Југ, Илија Славески, Влатко Трајков, Вилијам Михајловски, Никола Митревски-Кољо, Александар Василевски-Нинџа и Митре Питроповски.