Преку Центар за мониторинг и контрола ќе се следи сообраќајот на сите наплатни станици на автопатиштата.

Објектот, лоциран спроти патарината Петровец, треба да биде пуштен за 20-ина дена, како дел од новиот системот за електронска наплата на патарините кој за патиштата долж Коридорот 10 е во завршна фаза и треба да стартува до април годинава. Во мај треба да биде пуштена новата патарина кај Гевгелија, а до јуни и таа кај Демир Капија, додека по автопатот Миладиновци-Штип, што треба да биде пуштен наскоро, на почеток ќе се вози бесплатно бидејќи допрва ќе стартува изградбата на двете планирани патарини.

Според министерот за транспорт и врски Горан Сугарески, со пуштањето на Центарот ќе се олесни протокот на возилата на  патарините и ќе се намали метежот  особено во летниот период бидејќи ќе биде олеснета комплетната процедура на наплатните станици.

–  Наплатните станици кај Велес, Сопот и Отовица, како и патарината Романовце се готови. Во завршна фаза е и објектот во Петровец, кој очекуваме во наредните 20-ина дена да биде пуштен во употреба.  Инвестицијата изнесува 18,6 милиони евра и штом ќе завршат сите процедури  во овој објект ќе биде ставен во функција и електронската наплата на Коридорот 10, изјави Сугарески при денешната посета на новиот објект.

Преку Центарот во прво време ќе се контролираат сите патарини  на коридорите 10 и 8, а во иднина со него ќе бидат поврзани и камерите што за една до две години треба да бидат поставени долж сите автопатишта, и контролните пунктови во Неготино кај автопатот Демир Капија Смоквица и тој што ќе се гради во Кичево за автопатот кон Охрид.  Има и посебен кол центар каде ќе може да се пријават проблеми на патиштата, а дел од објектот ќе биде наманет за архивски материјали.

– Од Центарот ќе може да се контролира и мониторира целиот сообраќај во Македонија. Што било да се случи да не се создаваат колони од автмобили и да не се чека на пример за сообраќајка која го запрела патот, навреме да може да се пренасочи сообраќајот и да се интервенира и со амбулантни и противпожарни возила. Ова ќе биде окото на целата патна инфраструктура во Македонија,изјави Зоран Китанов, директор на ЈП за државни патишта.

Според Китанов, патарините Романовце, Сопот, Отовица, Петровец и Миладиновци ќе може да се пуштат за 15-20 дена, а за целосна електронска наплата од Табановце до Гевгелија треба да се почека и патарината кај Градско која би била готова за месец и половина. Електронска наплата ќе има и на новите патарини кои се градат кај Демир Капија и Гевгелија.

– Очекувам на крајот на април или мај да завршат првин активностите кај Гевгелија. За жал, кај Демир Капија не се направени добро проектите, се работи на отстранување на свлечиште и очекувам со крајни сили во јуни да ја фатиме сезоната бидејќи ќе ни се јави еден друг финансиски проблем. Во меѓувреме ќе го  пуштиме новиот автопат Миладиновци Штип, и сите кои патуваат во Источна Македонија нормално ќе одат по тој пат, што значи дека  прометот ќе падне на Сопот и на Отовица. Патарините на Миладиновци Штип ги почнуваме сега затоа што претходно не биле проектирани и не биле извадени дозволи  за градба, што сега е завршено. Со нов заем од ЕБОР ќе се градат двете патарини, и во тој период ќе има бесплатно возење, појасни Китанов.

На патарините на Коридор  8  се поставени нови кабини, претстои промена на  софтверот и поставување камери за кетегоризација и читачи.

На стартот на новиот електронски систем за наплата, со кој патарина ќе се плаќа безконтактни смарт картички и со микробранови транспордери, одреден временски период ќе има можност и за палќање во готово.